Рубрика: Астрономија и астронаутика
Светлечките прстени на Уран
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 25.06.2019 - 13:30

Двата најголеми телескопи во светот со здружени сили (и леќи wink ) се обидоа да ја расветлат причината за овој малку познат феномен.
 

Прстените околу планетата Уран не се изразени и толку спектакуларни како оние што го опкружуваат Сатурн. Напротив, тие рефлектираат толку малку светлина што нивното постоење не било детектирано сè до 1977 година.

Но, неодамнешните композитни фотографии направени со помош на телескопите АЛМА (Atacama Large Millimetre/submillimetre Array) и ВЛТ (Very Large Telescope), коишто се дел од Јужната европска опсерваторија, сместена во пустината Атакама во Чиле, откриваат нови детали од прстените.

"Прстените на Сатурн се воглавно ледени, широки, светли и имаат голем број честички, од зрнца прашина со големина од неколку микрони во најдалечниот D прстен, до цели карпи со пречник од десетици метри сместени во главните прстени", вели астрономот Имке де Патер од Универзитетот Беркли во Калифорнија, САД. Како што забележува тој, "Она што недостасува во прстените на Уран е прашината на крајните прстени. Најсветлиот прстен, со ознака ε (епсилон), е составен од парчиња со големина на тениска топка, како и поголеми карпи."

Можеби најинтересниот наод којшто произлезе од истражувањето на Де Патер и неговите колеги е релативно прецизната проценка за температурата на прстените.

Иако кај прстените може да се забележи одреден сјај, ова не значи дека тие се топли. Во трудот којшто истражувачкиот тим го поднесе на arXiv, веб-серверот за пред-печат на Универзитетот Корнел, се вели дека температурата на прстените на Уран изнесува само 77 K (Келвинови степени) над апсолутната нула, односно – 196°C.

Клучни зборови: