Рубрика: Омнибус
4Д – Конференција посветена на дигиталното преплетување на сите нишки од општеството
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 18.06.2019 - 15:00

Како што веќе јавивме минатата недела, викендов во Скопје се одржа една мошне интересна научна конференција на којашто се дискутираше и дебатираше за улогата на дигиталниот сегмент во секојдневните процеси и настани во глобалното општество.

Официјалниот почеток на Конференцијата беше во петокот во салата на Кинотека на Македонија, кадешто во чест на гостите беше прикажан филмот “Манаки, приказна во слики“ од Роберт Јанкулоски. Филмот, којшто ја следи фотографската приказна на браќата Манаки, на почетокот од овој месец беше прогласен за најдобар документарен филм на Фестивалот на Југоисточна Европа во Париз.

По свеченото отворање конференцијата продолжи следниот ден во просторииите на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕФТА. Презентациите и дискусиите се водеа на повеќе рамништа. Така, конференцијата ја отвори гостинот од САД, г. Ерол Саутерс од Универзитетот на Јужна Калифорнија којшто имаше мошне интересно излагање за улогата на социјалните медиуми, дигиталните платформи и медиуми, како и интернетот воопшто, во промовирањето на говорот на омраза и ширењето на влијанието на екстремните групи и идеологии, но и препознавањето на нивниот начин на делување како своевидна превентива.

Веднаш потоа пред присутните беше претставена една сосема друга димензија на користењето на дигиталните платформи, поточно на виртуелната реалност, овојпат во медицински цели. Излагањето на г. Тања Анѓушева од Клиниката Жан Митрев, во Скопје, ги претстави предностите на вирутелната медицина, во доменот на дијагностиката и едукацијата.

На тема безбедноста и социјалните медиуми повторно нè вратија професорите Атанас Козарев и Фердинанд Оџаков, коишто ги изложија нивните истражувања на тема “Информациона безбедност / Дигитална безбедност и култура”.

По ова присутните ја проследија презентацијата на катедрата за дигитални медиуми на Универзитетот за аудиовизуелни уметности, на нивната студиската програма, како и краток пресек на активностите на оваа катедра.

Гостите од Косово, Шпреса Мулиќи и Хаким Мулиќи, од Приштинскиот универзитет, имаа свое излагање за улогата на социјалните мрежи како медиум за ширење информации за културни настани и случувања.

Првиот ден од конференцијата го затвори Гораст Цветковски, надворешен соработник на ЕФТА, а воедно и претседател на Македонската асоцијација за развивање на игри – МАГДА, којшто го задржи вниманието на сите со неговата презентација за состојбите во ИТ индустријата во Македонија, со особен акцент на развојот на видео-игри, гејмингот и гејминг индустријата кај нас, проблемите со коишто тие се соочуваат, како и неговата визија за иднината на овој сегмент од ИТ индустријата во Македонија.

Со ова заврши првиот ден од конференцијата, а следниот ден во Преспа, г. Ив Гијмо, основач и претседател на една од најголемите светски компании за видео игри, Ubisoft, беше прогласен за Doctor Honoris Causa на Универзитетот за аудиовизуелни уметности, по што следуваа уште петнаесеттина излагања на странски и домашни учесници.

Покрај споменатите учесници, со свои научни трудови во пишана форма свое место на конференцијата обезбедија и повеќе видни академици од Европа и светот.

За целиот настан поопширен извештај ќе презентираме во следниот број на списанието ЕМИТЕР.

Датотеки за преземање:
Документ: 
* најавете се за да можете да ги преземете датотеките
 
Клучни зборови: