Рубрика: Омнибус
Македонија повторно e на листата “30 под 30” на Форбс
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 14.02.2019 - 11:15

На 12 февруари, со отворањето на Лондонската берза, магазинот Форбс ја објави листата “30 под 30” за 2019 година, за Европа. Оваа година вклучени се претставници од 34 европски земји во 10 категории, а на листата се најдоа и Аријана Коскарова и Бојан Коскаров од Македонија, во категоријата “социјални претприемачи”, со нивниот модел на иновативно неформално образование – Creative Hub.

Во категоријата социјално претпримаштво се избираат млади кои преку своите бизнис идеи прават општествено добро, а Creative Hub во Македонија токму преку 5П концептот го подобрува образовниот систем и дава можност за стекнување вештини и компетенции што се бараат на пазарот на трудот денес.

Creative Hub е концепт на иновативен тренинг-хаб што работи по 5П-пристап, односно предавачи кои се ескперти од некоја област, програми што одговараат на потребите на пазарот, визитинг-предавачи, настани во текот на програмата и платена пракса за секој учесник. Овој тренинг-хаб постои од август 2017 година и за неполни 2 години успеа да се издигне како центар за квалитет препознатлив по урбаните настани како ПР Бар, Македонски маркетинг настан, HR сабота, Photography Masterclass со фотографот на Вог итн.

Токму овој модел на иновативен тренинг хаб во областа на маркетинг и ПР, човечки ресурси, веб и графички дизајн, адвертајзинг итн., фокусиран на тоа учесниците да стекнат вештини и компетенции што им се потребни денес, ги донесе овие двајца млади во елитното друштво на Форбс под 30.

Покрај нив, оваа година на листата се најдоа и актерот Даниел Ретклиф, фудбалерот на Атлетико Мадрид Антони Гризман, Камила Кабело, францускиот фудбалер Де Канте, наследникот на гигантот Луи Витон, Антоан Арно и многу други.

Само да потсетиме, ова е втора година Македонија да се најде на оваа листа. Лани беа претставени Нина од “Групер” и Жаре од “Еден на Еден”.

Клучни зборови: