Рубрика: Биологија
Како китовите станале толку големи?
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 13.02.2019 - 11:15

Со тежина  од околу 200 тона и големина на просечно игралиште за кошарка, синиот кит е најголемото животно што некогаш живеело, а научниците конечно ја откриваат мистеријата на неговата големина.

Биолозите веќе долго време дебатираат зошто некои видови на китови го држат рекордот за најголеми животни во светот. Голем дел од нив ја предлагаа логичната теза дека поради тоа што тежината на животното во најголем дел ја “носи” водата, китовите полесно се движат и можат да најдат доволно храна за да ја одржат оваа маса. Дел од биолозите, пак, предлагаат дека големината на китовите е своевиден штит, наменет за одбрана од нападите на големите ајкули и од останатите мегапредатори.

Втора тема за која расправаат биолозите е одредувањето на моментот кога овие животни станале толку големи. Во 2010 година, еволутивен биолог Грејам Слејтер од Универзитетот на Чикаго во Илиноис, тврдеше дека редот на цицачи Cetacea, каде припаѓаат и китовите и делфините, се поделил на различни групи многу рано, веројатно пред околу 30 милиони години. Во овој период делфините се смалиле, китовите што се хранат со крил станале огромни, додека пак предаторските китови, , какви што се орките, на пример, останале со средна големина. Нивните потомци понатаму продолжиле да ги одржуваат овие раноопределени опсези на големина.

Но, сите не се сложуваат со оваа теза. Меѓу нив и Николас Пјенсон, експерт за китови од Националниот музеј за природни науки Смитсонијан во Вашингтон. Со цел конечно да се стави крај на оваа расправа, Пјенсон и Слејтер пред неколку години решаваат да ја проучат огромната колекција фосилни остатоци од цетацеани со којашто располага музејот на Смитсонијан. Пјенсон веќе ги испитал пропорциите на живите китови и утврдил дека индикатор за големината на китот е ширината на неговите коските од образот. Па така, Пјенсон ги измерил овие коски и добил податоци за 63 изумирани видови на китови и за 13 современи видови. Податоците ги внел на временската линија којашто го покажувала семејното дрво на китот.

Добиената слика јасно покажала дека китовите не “пораснале” во периодот којшто го предложил Слатер. Ниту, пак, постепено се зголемувале со текот на времето. Наместо тоа, тие станале умерено големи и останале такви до пред околу 4,5 милиони години. Некаде во овој временски момент сините китови пораснале од релативно големи, со должина од десетина метри, во огромни, па така нивната денешна големина изнесува околу триесетина метри.

Следно, Слејтер и неговите колеги провериле што се случувало во глобални рамки во времето кога настанала оваа промена. Тие откриле дека растот на сините китови се совпаднал со почетокот на првите ледени доба. Претпоставката е дека со ширењето на глечерските зони, при пролетните и летните топења мноштво хранливи материи завршувале во океанското крајбрежје, со што се поттикнал експлозивниот раст на популациите на крил и на малите животни со коишто се хранат китовите. Сè до овој период пленот бил подеднакво обилно распределен низ океаните. Но, климатските промени предизвикале исчезнување на многу видови риби и големи морски животни, како и пад во продуктивноста на океаните, истовремено создавајќи нов модел за достапност на храната – сезонско изобилие од храна во одредени делови од океанот достапни во одредени периоди во годината.

Џереми Голдбоген од Универзитетот Стенфорд во Калофирнија, којшто ги проучува начините на јадење и на нуркање кај китовите, укажал на важноста на оваа промена. Неговата работа покажала дека колку достапноста на поголеми количества храна, носи и поефикасно хранење, особено кај китовите со навистина големи усти. Понатаму, поголемите китови можат побрзо да се движат меѓу местата каде е сконцентриран пленот. Па така, сините китови коишто пораснале во големина , станале побрзи и можеле да зграбат поголем дел од достапната храна, додека помалите видови исчезнале. А нивната огромна големина, можеби влијае и на поголемата продуктивност на океаните, поради тоа што тие ги носат хранливите материи од длабочините на океанот на неговата површината.

Зошто китовите се толку големи?
Клучни зборови: