Рубрика: Климатологија
Колонизацијата на Америка поттикнала глобална климатска промена
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 05.02.2019 - 13:00

При колонизацијата на Северна и Јужна Америка кон крајот на 15-тиот век умрел толку голем број од популацијата на овој континент што тоа директно влијаело врз климата на Земјата, заклучуваат научниците од University College од Лондон, Велика Британија.

Тимот вели дека промената којашто следела со населувањето на Европејците довела до повторно освојување и култивизација на напуштените обработливи земјишта што во меѓувреме обраснале со локална вегетација. Ова повлекло доволно голема количина јаглероден диоксид од атмосферата, така што температурата во глобални рамки се спуштила за некој степен.

Овој период на глобално заладување во историските книги се нарекува како “мини ледено доба” – време кога во текот на зимите во Европа реката Темза во Лондон редовно замрзнувала.

Научниот тим ги проучил достапните податоци за големината на домородното население во двете Америки пред првиот контакт со Европејците во 1492 година.

Потоа ја процениле промената во бројките којашто настанала во следните децении, период кога на новооткриените континенти настанало пустошење на домородната популација како последица на новите болести што ги донеле освојувачите (мали и големи сипаници, сифилис итн.), воените дејствија, ропството и социјалниот колапс на овие култури.

Научниот тим проценил дека пред 15-тиот век, на двата континента, Северна и Јужна Америка, вкупно живееле околу 60 милиони луѓе, што во тоа време изнесувало 10% од вкупната популација на целата планета. За само сто години, овој број паднал на само шест милиони!

Тимот потоа ја пресметал површината на обработливо земјиште коешто по овој колапс било обраснато во шума и савана. Целокупната површина изнесувала околу 56 милиони хектари, што е површина приближно еднаква на големината на Франција. Оваа промена била толку обемна што повлекла доволно CO2, така што целокупната концентрација на овој гас во атмосферата паднала на вредност под 7 – 10 молекули CO2 на секој еден милион молекули од воздух (7 – 10 ppm).

Колку за илустрација, како што вели проф. Марк Маслин, коавтор на трудот, “Ние денес, при согорувањето фосилни горива создаваме околу 3 ppm годишно.

Падот на CO2 во времето на Големото изумирање е забележителен во податоците добиени при проучувањето на длабинските примероци на мразот од Антарктикот. Меурите воздух коишто останале заробени во овие примероци забележуваат пад во количеството на јаглероден диоксид. Атомскиот состав на гасот укажувал дека падот се должи на промени што се случувале некаде на копнените маси на Земјата. Како дополнување на ова, тимот вели дека овој период се совпаѓа и со записите од јаглен и полен во слоевите на земјата во Северна и Јужна Америка. Кај нив забележливо е нарушување коешто е карактеристично за намаленото користење оган при обработување на земјиштето и за големиот подем на природната вегетација.

Ед Хокинс, професор за климатологија на Универзитетот Рединг кој не бил вклучен во истражувањето, го коментираше истражувањето. “Научниците се согласуваат дека за настанокот на таканареченото мини ледено доба влијаеле неколку фактори – падот на нивоата на јаглероден диоксид во атмосферата, серија големи вулкански ерупции, промени во употребата на земјата, како и привремениот пад на сончевата активност. Ова ново истражување покажа дека падот на CO2 се должи делумно на колонизацијата на Америките и последователниот колапс во популацијата на домородното население, што придонело за подем на природната вегетација. Ова покажува дека активностите на човекот влијаеле на глобалната клима далеку пред почетокот на индустриската револуција.

Имајќи ги предвид климатските промени во денешен контекст, ова истражување може да се покаже мошне корисно при преземањето конкретни мерки за справување со глобалното затоплување. Резултатите од истражувањето, меѓу другото, укажуваат дека зголемувањето на пространствата со шуми директно влијаат за намалување на температурата на глобално ниво, во релативно краток период.

Истражувањето исто така има влијание врз дискусиите околу новата демаркација на геолошката временска скала. Имено, досега се дискутираше за воведување на нова геолошка епоха, антропоцен, во којашто е видливо забележливо влијанието на човекот врз планетата. Беше предлагано за почеток на оваа епоха да се земе забрзаната индустриска активност од 1950 година па наваму. Но, новото истражување покажа дека влијанието на активностите на човекот врз целата планета се видливи далеку пред индустриската револуција, а секако, многу подалеку и од средината на 20 век.

Клучни зборови: