Рубрика: Електроника
Индикатор за безбедно сончање
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 06.12.2018 - 10:45

Сончањето е корисно само ако успеете да ја постигнете вистинската рамнотежа – премалку сонце носи недостаток на витамин Д и нарушен сон, но изложеноста на премногу сонце може да ве чини непријатни изгореници и зголемен ризик за појава на рак на кожата.

Во моментов, сите што сакаат прецизно да ја измерат изложеноста на ултравиолетовите сончеви зраци за оваа намена користат уреди познати како дозиметри, кои се со големина на рачен часовник и користат материјал чувствителен на светлина. Материјалот овозможува да се пресмета изложеноста на различни видови зрачење, вклучувајќи и на сончева светлина. Но, овие уреди најчесто се скапи, користат батериски пакувања коишто не се водоотпорни и мораст да бидат прицврстени за облеката со ремче или со штипка.

Но, ова наскоро може да се промени со минидозиметарот. Уредот, којшто личи на копче, се лепи директно на кожата или на облеката, дури и кога тие се влажни. За напојување на минидозиметарот е употребена фотодиода, полуспроводник што ја претвора светлината во електрична енергија. Фотодиодата освен што ја елиминира потребата од батерии, истовремено ја мери и количината сончева светлина на којашто е изложена. Потоа, преку малечката антена, уредот безжично ги испраќа мерењата до паметниот телефон на корисникот.

За да ја тестираат технологијата, истражувачите им дале на волонтерите да носат повеќе вакви чипови залепени на различни делови од нивните тела во текот на 4 дена, додека учествувале во разни активности на отворено, како пешачење или пливање. Истовремено им бил даден за употреба и поголем, традиционален дозиметар за споредба на резултатите.

Како што објавува научниот тим во Science Translational Medicine, минидозиметрот се покажал подеднакво прецизен како и поголемите модели. Покрај тоа, бидејќи волонтерите можеле одеднаш да носат повеќе минидозиметри, тие истовремено можеле да ја следат изложеноста на сончева светлина на различните делови од телото. Уредот може да најде и примена којашто не е ограничена на плажата, велат истражувачите. Со него, на пример, би можела да се следи изложеноста на пациентите при светлинската терапија со којашто се третираат предвремено родените бебиња со жолтица.

Клучни зборови: