Рубрика: Омнибус
Промовирана монографијата “15 години Инженерски прстен“
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 05.12.2018 - 14:15

Инженерската институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери, денес ја промовираа монографијата “15 години Инженерски прстен“. Со промоција на монографијата во Македонската академија на науките и уметностите, се одбележаа 15 години од првото доделување на Инженерскиот прстен којшто досега го добиле 150 најдобри студенти–инженери.

Според професор д-р Христина Спасевска, претседател на Инженерската институција на Македонија, станува збор за уникатно признание во регионот, но и многу пошироко, што овозможува преку наградување на најдобрите дипломирани студенти, да се промовираат инженерството и науката како стожери за развојот на општеството.

Истовремено, овој чин ја нагласува елитноста што треба да ги поттикне младите за професионално усовршување, насочувајќи ги кон истражувања, развој на иновативната мисла и претприемништвото. Ова признание за младите добитници, секако, значи успех, но претставува и голема одговорност, не само за нив, но и за нас, кои го врачуваме. Ние, како две најголеми инженерски организации да работиме на изнаоѓање услови за професионален развој на најдобрите млади инженери, што е еден од предусловите тие да останат во својата земја, градејќи успешна кариера. Носителите на прстенот го имаат предизвикот да останат достојни на честа што им е укажана и да продолжат да бидат најдобри, да бидат пример на своите колеги, но и поттик на помладите. Дека навистина сме ги одбрале најдобрите, покажува и големиот број добитници што сега се успешни универзитетски професори и истакнати професионалци во струката и дека признанието влијаело во трасирањето на нивната успешна кариера, сведочат токму нивните изјави во ова монографско издание“, рече Спасевска.

За професор д-р Миле Димитровски, претседател на Комората на овластени архитекти и овластени инженери, носителите на инженерскиот прстен се избираат од првите пет најдобро рангирани универзитети во Република Македонија и од факултети со високи оценки за акредитацијата. Добитниците се пример дека треба да се вложува во себе, затоа што се важни и знаењето, и оценките, и навременото завршување на започнатото.

Инженерскиот прстен не е само признаниe, туку е и обврска да се биде и да се остане најдобар. Тоа е повик да се проектира, да се гради и да се создава. Треба да се биде креативен и иновативен и да се продолжи со усовршување на своите вештини со надградба на своите знаења. Носителите треба да се стремат да бидат идните градители и учесници во напредокот и благосостојбата на Македонија. Ние, како институции и поединци треба да направиме сè младите инженери да ги заземат своите места во компаниите, во образованието и во институциите на системот. Тие треба да бидат дел од столбовите на развојот, а преку развојот на високите технологии да продонесат и за економскиот раст на државата. И многу повеќе од тоа – инженерите од техничките факултети треба да ја имаат имаат моќта да го менуваат светот и реалноста. Времето покажа, а оваа монографија тоа го одбележува, дека навистина биле избрани како најдобри од најдобрите и дека тие, како носители на прстенот ја покажале својата дарба и моќ во сè што работат да бидат најдобри“, објасни Димитровски.

За ректорот на Универзитетот Св. Кирил и Методиј – Скопје, професор д-р Никола Јанкулоски, доделувањето на признанието Инженерски прстен е традиционална и успешна манифестација.

Традицијата го отсликува 15-годишниот период во кој се доделува ова признание и кој ги обединува најквалитетните студентски инженерски умови. Успешна е затоа што ги препознава, вреднува и ги наградува најдобрите студенти од инженерските струки. Станува збор за единствено признание од ваков вид во Македонија, кое секако позитивно влијае на младите инженери“, рече Јанкулоски.

Професор д-р Сашо Коруновски, ректор на Универзитетот Св. Климент Охридски, ја поддржува, застапува и со сето срце ја поздравува идеjaта, издвојувајќи ги најдобрите од најдобрите.

Инженерите, нивната креативност, умешност, знаење, се движечка сила, оној неопходен spiritus movens на современата цивилизација. Нивниот потенцијал ни е потребен. Тие дизајнираат, проектираат, градат, тие ги водат технолошките и индустриските процеси, тие ги управуваат комуникациско-информатичките процеси“, заврши ректорот Коруновски.

Клучни зборови: