Рубрика: Енергетика
6-та Студентска конференција за енергетска ефикасност и одржлив развој
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 04.12.2018 - 12:00

Денес во 10 часот, во амфитетарот на ФЕИТ, свечено беше отворена шестата Студентска конференција за енергетска ефикасност и одржлив развој – СКЕЕОР. На четиридневната конференција со свои научни трудови учествуваат повеќе од 90 студенти. Основната идеја на конференцијата е да се разменуваат идеи и мислења меѓу студентите, професорите и претставниците од енергетските компании со што се прави чекор напред кон решавање на дел од проблемите од областа на енергетска ефикасност и од одржливиот развој, како две светски актуелни прашања на кои интензивно се работи и во Македонија.
 

Главната цел на конференцијата е подигнување на свеста за потребата од енергетска ефикасност, обновливи извори на енергија, мерки и механизми за одржлив развој, особено кај студентите кои како идни инженери ќе треба да изнајдат решенија за многубројните проблеми со коишто се соочува модерниот свет.

На отворањето на конференцијата, свое обраќање имаа: професор д-р Димитар Ташковски, декан на ФЕИТ, професор д-р Љубица Јанчева, претседател на Собранието на Град Скопје, професор д-р Маргарита Гиновска, координатор на СКЕОР и Ангела Најдоска, претседател на Организацискиот одбор.

Сметаме дека е од исклучителна важност да се организира настан чија што целна група се студентите кои како академски граѓани ќе имаат водечки улоги во областа на енергетиката, енергетската ефикасност и одржливиот развој, актуелни полиња со непроценливи можности. Самата конференција има научен и едукативен карактер со што студентите ги продлабочуваат своите знаења во областите од нивен интерес и тоа, соработувајќи со најдобрите стручни лица во соодветните теми на фокус“, потенцираше Ангела Најдоска, претседател на Здружението за истражување и промоција на енергетската ефикасност и одржливиот развој (СКЕЕОР).

Професорката Маргарита Гиновска, координатор на Конференцијата, истакна дека меѓу студентите има учесници од Колумбија, Словенија, Израел, Србија и Бугарија со свои научни трудови и повеќе од 10 пленарни предавања на реномирани професори и претставници на компании.

Навистина сум неизмерно задоволна од она што студентите успеваат да го постигнат од научен и организациски аспект. Особена среќа ми претставува тоа што сите овие години имаме одлична соработка и успеваме да организираме сé поуспешна конференција за која што има сé поголем интерес. Имаме навистина солидни студенти со огромен потенцијал, кои со моја помош, успеваат да го канализираат преку еден ваков уникатен настан. Се надевам дека оваа традиција ќе продолжи уште многу години!“, потенцираше Гиновска.

Деканот на ФЕИТ, професор д-р Димитар Ташковски, во својот говор истакна низа активности кои ги презема Факултетот за енергетска ефикасност и одржлив развој.

Пред неколку години ја реновиравме фасадата во енергетски ефикасна фасада, сега работиме на реновирање на внатрешната фасада. Инсталиравме систем за мониторирање на потрошувачката на електрична енергија. Исто така, на ФЕИТ во функција се две фотоволатаични централи со вкупна моќност од 22 KW а планираме да инсталираме уште 28 KW.  Континурано се менуваат светилките со ефикасни светилки, поставуваме сензори за движење по ходници и водиме сметка за селекција на отпад“, рече Ташковски.

Студентската конференција ја организираат студентите на ФЕИТ, под покровителство на Факултетот и на Град Скопје. Студентите ги поздрави професор д-р Љубица Јанчева, претседател на Совет на Град Скопје.

Да се пронајде нешто корисно – ’енергетската ефикасност’, потоа да се искористи во склад со природата и да се донесе во релација со одржливиот развој, веројатно е големо научно-истражувачко задоволство. Но, за актуелизирањето на релацијата потребни сте секогаш и Вие, почитувани претставници од академско научната заедница, но и Вие, студенти, кои како млади истражувачи со вашите креативни идеи, ќе партиципирате и во актуелизирање и во одржување на релација и тоа во локалните одредници, но и пошироко“, рече Јанчева.

Прв пат годинава, во рамки на конференцијата, ќе се одржи хакатон во проосториите на ИНОФЕИТ посветен на развивање на идеите на студентите во насока на остварување на успешни бизнис модели и планови, во соработка со професори, директори од влијателни компании и личности од бизнис секторот. Целта е да се поттикнат студентите да ги насочат своите идеи и активности кон суштинска импементација и развивање на иновативни бизниси.

Самата конференција претставува мост меѓу професионалците и студентите, кои заеднички работат на наоѓање решенија за одржлив развој и зелена иднина, наведуваат од Организацискиот одбор на СКЕОР. Преку научно-истражувачката дејност, студентите се поттикнуваат да работат на проекти поврзани со енергетската ефикасност и одржливиот развој, нив да ги презентираат и да дискутираат, со што се придонесува кон понатамошно развивање на идеите поврзани со можностите и потенцијалот кои овие области ги нудат. Еден од клучните аспекти на конференцијата е можноста за соработка меѓу студентите, истакнати професори и реномирани компании од областа.

Покрај размената на искуства и знаење, се остваруваат и контакти за идна соработка и заполесно напредување во струката. Дополнително, самата конференција како еден настан од ваков карактер ќе има и големо влијание во зголемувањето на општиот интерес и свеста за значењето на оваа проблематика.

Датотеки за преземање:
* најавете се за да можете да ги преземете датотеките
 
Клучни зборови: