Рубрика: Аудио и видеотехника
Јапонците започнаа со сателитско емитување во 8K
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 03.12.2018 - 12:45

Со прецизност којашто им прилега на Јапонците, на 1-ви декември во точно 10 часот наутро по локално време, јапонските телевизиски мрежи почнаа јавно да емитуваат 4K и 8K канали преку сателит. По неколку години тестирања, јапонскиот јавен сервис NHK во моментов е единствената ТВ-мрежа којашто емитува 8K содржина со 22.2 канален звук. Првиот филм којшто ќе може да се погледне во 8K на јапонската телевизија е “2001: Одисеја на вселената”. Како што јавуваат и од Би-Би-Си, компанијата Ворнер Брос, којашто ги има издавачките права за овој филм, одново ги обработила снимките од оригиналниот 70мм негатив од филмот, специјално за ова емитување.

8K телевизијата малку порани со оглед на тоа што ретко кој поседува 8K дисплеј, дури и во Јапонија којашто е посебно хај-тек царство. Повеќето, пак, од корисниците коишто веќе имаат ваков ТВ-приемник ќе треба да инвестираат и во специјална антена со којашто ќе можат да го преземат сигналот. Порталот Engadget Јапонија јави дека Sharp уште минатиот месец започнал со продажба на првите Super Hi-Vision телевизори со веќе вграден тјунер, по цена од околу 6600 американски долари. Но, HDMI 2.1 сè уште не е имплементиран на ниту еден од овие дисплеи, па така за сигналот да стигне од кутијата на сателитскиот приемник до самиот ТВ-приемник потребно е да се приклучат четири HDMI кабли.

На почетокот од оваа година беше забележително туркањето на 8K телевизија за оваа година, но сега кога почна да се емитува и ТВ-програма во 8K, работите може да се развиваат многу бргу во прилог на прифаќањето на овој стандард. Во таа насока се очекува уште следниот месец на CES 2019 во Лас Вегас да има мноштво од уреди коишто ќе го поддржуваат 8K стандардот. Во пресрет на Олимписките игри 2020 година, коишто треба да се одржат во Токио, во Јапонија постои иницијатива за што побрза примена на 8K стандардот, но ќе треба да помине извесно време за да се направи проценка на односот цена/квалитет за да се види дали надминувањето на 4K видеостандардот вреди да се направи толку бргу.

Клучни зборови:
Разликата помеѓу аудиостандардот 22.2 и 5.1

Разликата помеѓу аудиостандардот 22.2 и 5.1