Рубрика: Биологија
Пајакот што ги дои своите млади
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 03.12.2018 - 11:15

Цицачите го добиле нивното име според начинот на исхрана на младите, со цицање на мајчиното млеко коешто го обезбедуваат млечните жлезди. Но, постојат и повеќе други животни, од це-це муви до некои видови на гулаби, коишто лачат нивна верзија на мајчино млеко за прехрана на нивното потомство. Пајакот од видот Toxeus magnus неодамна бил забележан како ги дои своите малечки, при што неговото однесување било многу блиско до тоа на цицачите, вели еден кинески истражувачки тим во списанието Science.

Биолозите го издвоиле Т. magnus како посебен вид во 1933 година, но навиката на мајката доилка била превидена. Пајаците ловат малечки животинки, како што се, на пример, овошните мушици за потоа да се повлечат во нивното малечко гнездо за да се грижат за нивното семејство. Коавторот на објавениот труд Жанки Чен од Кинеската академија на науките во Менглунжен, кој го проучувал однесувањето на пајакот, во 2012 година забележал како неколку единки од видот T. magnus го делат истото гнездо. Тој се посомневал дека пајаците можеби имаат некаков систем на проширена родителска грижа. На истражувачот му биле потребни цали пет години за да го забележи однесувањето карактеристично за цицачите. Еурека моменот се случил минатата година, кога едно од пајачињата се прицврстило за долниот дел од мајката.

Кога истражувачите ја ставиле женката на T. magnus под микроскоп, забележале дека при нежен притисок со прстите во пределот на долиот предел од абдоменот, од т.н. епигастрична бразда се појавуваат малечки капки од белузлава течност. Во првата недела по изведувањето на јајцата, мајката-пајак оставала капки од млеко околу гнездото наменети за нејзините млади. Но, потоа, доилката се однесувала повеќе како цицач, со подмладок којшто се припојува до телото на мајка си за да пие од мајчиното млеко.

Пајаковото млеко има состав близок до млекото на цицачите: околу 2 милиграми шеќер на еден милилитар млеко, 5 милиграми масти и 124 милиграми протеини. Тоа е сè што пајачињата добиваат во првите 20 дена од нивниот живот, велат истражувачите. Во пајаковите гнезда во лабораторијата, мајките повремено ловеле овошни мушички што им ги обезбедувале истражувачите, но никогаш пленот не го однеле во домот за со него да ги хранат нивните малечки.

По 20 дена, пајачињата почнале да се хранат самостојно, но уште речиси три недели тие продолжиле и да пијат од мајчиното млеко. Оваа комбинирана исхрана овозможила 76 проценти од младите во гнездата во лабораторијата да пораснат во возрасни единки. Кога истражувачите кај некои мајки-пајаци ја блокирале нивната епигастричната бразда веднаш по изведувањето на положените јајца, малечките пајачиња умрирале за десетина дена. Истражувачите ги заинтересирало и колку млекото е битно за младите откако тие почнале самостојно да ловат. Се покажало дека е. Младите коишто не биле доени по 20-тиот ден, имале значително помала стапка на преживување.

Поради оваа долготрајна мајчина грижа, пајаците од видот T. magnus невообичаено долго време го делат гнездото, што е реткост во предаторскиот свет на пајаците, вели арахнологот Линда Рајор од Универзитетот Корнел. Само околу 120 од речиси 48 000 познати видови на пајаци толерирараат друштво на друг пајак повеќе од три недели, вклучувајќи ги тука и нивните браќа и сестри. Од тоа околу 30 од нив живеат доживотно во социјални заедници.

Клучни зборови: