Рубрика: Медицина
Закрпа за вашите скршени срца
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 29.11.2018 - 13:45

Новиот вид имплантна “закрпа” може да помогне за заздравување на оштетувањата на срцето. Закрпата, всушност, претставува тенок филм од којшто се лачи мешавина од молекули кои помагаат во заздравувањето на ткивото оштетено при срцев удар. Во експериментите спроведени на стаорци и на свињи, овие закрпи помогнале за минимизирање на лузните и за да се одржи способноста на срцето да пумпа крв. Резултатите беа објавени оваа недела, во интернет-изданието на Advances of Science. За пациентите кои преживеале срцев удар, ваквите помагала еден ден би можеле значат елиминирање на ризикот од срцева слабост и намалување на стапката на смртност.

Основата, кај секоја од закрпите наменети за исцелување на срцето, се состои од лист од полимер исполнет со мали иглички, налик на оние коишто ги спомнавме кога пишувавме за безболните инјекции (тука). Но, за разлика од нив, микроиглите кај оваа закрпа се дизајнирани така што се “лепат” на срцето на пациентот, а не на неговата кожа. Зад низата од микронски иглички, површината на полимерот е обложена со гел којшто содржи срцеви стромални клетки. Овие клетки лачат молекули, протеини и мали парчиња од генетски материјал познат како микро-РНК, коишто го поттикнуваат растот на мускулните клетки на срцето. Кога закрпата ќе се залепи за срцето, микроиглите ги внесуваат молекулите од срцевите стромални клетки директно во оштетеното ткиво.

Кај стаорците, истражувачите тестирале колку добро закрпите со микроигли го помагале растот на здравото ткиво и намалувањето на лузните. По три недели откако истражувачите предизвикале срцев удар кај стаорците, животните коишто добиле закрпи со микроигли имале за околу 40% повеќе здраво ткиво во регионите на срцето коишто биле зафатени од срцевиот удар, додека кај нетретираните стаорци, оваа бројка изнесувала само околу 10%.

Кај свињите, истражувачите го следеле здравјето на срцето преку мерење на количината на крв којашто била испумпана од левата комора на животното кон останатиот дел од телото, при секое отчукување на срцето. Четири часа по срцевиот удар, при секое отчукување срцето се испумпувало околу 56 до 57% од целата крв присутна во левата комора и кај третираните и кај нелекуваните свињи. Но, веќе на 48 часа по срцевиот удар, резултатите почнале да се разликуваат – срцата третирани со закрпи испумпувале околу 60% од волуменот на левата комора, додека нетретираните срца испумпувале околу 50%.

Закрпата со микроигли претставува многу интересна и возбудлива идеја, но истражувачите сè уште треба да го испитаат нивното функционирање во текот на подолг временски период.

Пред закрпите со микроигли да можат да се користат за лекување кај луѓето, тимот планира и да го замени полимерот што се користел при ова истражување со материјал којшто постепено би се растворал во телото. Истражувачите, исто така, работат и на развој на помалку инвазивни начини за нанесување на закрпите.

Клучни зборови:
Игличките со микронска големина кои се наоѓаат на основата од закрпата

Игличките со микронска големина кои се наоѓаат на основата од закрпата

Начин на којшто функционира закрпата

Начин на којшто функционира закрпата