Рубрика: Астрономија и астронаутика
InSight ги рашири сончевите панели
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 27.11.2018 - 12:45

По возбудите од вечерва, кога го проследивме успешното приземјување на сондата на површината на Марс и испраќањето на првата фотографија од површината, оваа вест можеби изгледа тривијално. Но, сончевите панели се и тоа како битни за работата на сондата. Без нив не ќе можат да се полнат батериите коишто обезбедуваат енергија за нормално функционирање на научните инструменти.

Во 2 часот и 30 минути по средно европско време, Инсајт (InSight) сигнализираше дека соларните панели се целосно раширени и дека веќе ја користи сончевата светлина на површината на Марс. Информацијата ја препрати орбитерот Odyssey, заедно со уште неколку фотографии од местото на слетувањето.

Секој од двата панела е широк 2,2 метра. На површината на Марс, сончевата светлина е послаба од онаа на Земјата, што се должи на поголемата оддалеченост на оваа планета од Сонцето. Но, инструментите на лендерот се создадени да не трошат премногу енергија. Во идеални услови, при чисто небо на Марс, панелите обезбедуваат 600 до 700 вати, што е доволно и за нормално работење на миксерот што го имате во домаќинството. Дури и при прекривање на панелите со слој од прашина, што со сигурност ќе се случи на површината од оваа правлива планета, сончевите панели ќе можат да обезбедат најмалку 200 до 300 вати енергија.

Панелите се направени по урнек на панелите од лендерот Феникс на НАСА, кој слета на Марс во 2008 година. Споредено со панелите на сондата Феникс, панелите на Инсајт се нешто поголеми, со цел да се обезбеди повеќе енергија, но и за да се зголеми структурната цврстина на конструкцијата. Промените биле неопходни за нормално функционирање на панелите во наредните две земјини години, односно една цела марсовска година, колку што е предвидено да трае оваа мисија.

Во наредните денови, тимот на миисијата ќе ја испружи и роботската рака на сондата со којашто ќе направи неколку фотографии од околното тло, а тие пак ќе помогнат да се одлучи за местото каде што ќе бидат поставени научните инструменти. Ќе бидат потребни два до три месеци за овие инструменти да профункционираат со полна пареа и да започнат со испраќање податоци.

Во меѓувреме, Инсајт ќе ги употреби своите временски сензори и магнетометарот за да направи повеќе мерења на местото на слетување, неговиот нов дом во Елисејската рамнина (Elysium Planitia) на Марс.

Клучни зборови:
Првата фотографија што Инсајт ја испрати до Земјата

Првата фотографија што Инсајт ја испрати до Земјата

Воодушевувањето на тимот на мисијата Инсајт по успешното приземјување на сондата

Воодушевувањето на тимот на мисијата Инсајт по успешното приземјување на сондата