Рубрика: Астрономија и астронаутика
Најнова потврда на ајнштајновата теорија за релативитетот
Автор: Петар Лагудин
Објавено на 25.06.2018 - 11:45

Да се потсетиме, Ајнштајновата Општа теорија за релативитетот објавена во 1916 година, го отфрла постоењето на конкретна сила помеѓу две маси, туку “гравитациската привлечност” ја припишува како последица на геометриска искривеност на простор-временскиот континуум во близина до некоја голема космичка маса.

Таа искривеност ја следат сите материјални тела и честички вклучувајќи ги и фотоните, квантните честички на светлината, кои според актуелната физика се честички без маса, па според тоа и светлината исто така се искривува кога поминува блиску до некое масивно материјално тело. Можноста за тестирање на овој постулат од Ајнштајновата Општа теорија за релативитетот се укажа во 1919 година при тоталното затемнување на Сонцето и неа ја искористи британскиот астроном и физичар Артур Едингтон (Arthur Eddington). Тој со неговиот телескоп направи бројни фотографии на кои близу до Сонцето (при тотално затемнување) се гледаат и ѕвездите лоцирани точно зад него, кои инаку би биле невидливи од Земјата ако нивната светлина се ширеше праволиниски. Сонцето искривувајќи ја светлината, се најде во улога на т.н. “гравитациска леќа”. Искривувањето на светлината при поминување до масивно тело беше и подоцна констатирано уште во неколку други случаи.

Денес Ајнштајновите равенки од Општата теорија за релативитетот се сметаат за унуверзален математички след, а Њутновите обрасци претставуваат само прв член од тој след, што во практиката се покажа доволно точно во голем број случаи.  

Во најново време стаса уште една убедлива потврда на начелото за закривеност на простор-временскиот континуум, содржано, како што кажавме, во Ајнштајновата Општа теоријата за релативитетот. Тестирањето го извршила меѓународна група астрономи под водство на Томас Колет (Thomas Collett)  од Институтот за космологија на Универзитетот во Портсмаут,  Велика Британија. Екипата употреби податоци од орбиталниот телескоп Хабл и од стационарниот телескоп во пустината Атакама во Чиле, а како појдовен податок послужи т.н. Ајнштајнов прстен околу галаксијата ESO325-G004, којшто ја имаше улогата на гравитациска леќа, оддалечена  од нашата Земја, “само” околу 500 милиони светлински години. Да објасниме, Ајнштајновиот прстен се појавува околу некоја “гравитациска леќа” кога таа, заедно со светлинскиот извор зад неа и набљудувачот од Земјата се наоѓаат точно во иста права линија.

Сега следи најбитното. Радиусот на овој прстен е  правопропорционален со степенот на искривеноста на простор-временскиот континуум, па мерејќи го радиусот на прстенот, научниците можат да го пресметаат степенот на искривеноста на континуумот, а потоа од степенот на таа искривеност научниците можат да ја пресметаат масата на галаксијата којашто е во улога на “гравитациска леќа”, бидејќи Ајнштајновата општа теорија за релативитетот предвидува дека искривеноста е право пропорционална со масата на галаксијата којашто има улога на гравитациската леќа. Од друга страна вкупната маса на таа галаксија може да се пресмета и на друг начин; мерејќи ги брзините на орбитирање на ѕвездите во неа. Научниот тим ја пресмета масата на  галаксијата во улога на гравитациска леќа на двата наведени начини, и потоа добиените резултати меѓусебно ги спореди и констатира дека двата резултати апсолутно се совпаѓаат. Резултатот од тестирањето екипата го објави на 21 јуни, оваа година, во научното списание Science. Па, ете ја експлицитната потврда за валидноста на начелото за искривување на простор-временскиот континуум, содржано во Ајнштајновата Општа теорија за релативитетот. Секоја му чест на Ајнштајн! 

Клучни зборови:
Гравитациската привлечност е последица на геометриска искривеност на простор-временскиот континуум

Гравитациската привлечност е последица на геометриската искривеност на простор-временскиот континуум

Ајнштајновиот прстен се појавува околу гравитациската леќа

Ајнштајновиот прстен се појавува околу гравитациската леќа