Рубрика: Астрономија и астронаутика
Зошто Месечината изгледа наопаку од јужната хемисфера?
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 20.06.2018 - 15:15

Зошто Месечината изгледа наопаку од јужната хемисфера?

За почеток да расчистиме нешто. Независно дали се наоѓате во Рим, Париз, Скопје, Њујорк, Токио, Торонто, Јоханесбург, Лима или Сиднеј, на секое од овие места ќе ја гледате истата страна на Месечината, бидејќи таа ротира околу себе со иста брзина со која се врти околу Земјата (револуција).

Меѓутоа, постои суштинска разлика во глетката зависно од тоа дали се наоѓате на северната или на јужната полутопка на Земјата. Набљудувачите коишто се наоѓаат на поголемите географски широчини на север и на југ ќе бидат во можност да забележат најдрастична разлика во она што го гледаат. Имено, набљудувачите од поголемите северни географски широчини ќе го гледаат северниот пол на Месечината како “горна” страна, дoдека набљудувачите од подалечните јужни напоредници ќе го гледаат јужниот пол на Месечината како “горна” страна (слика 1). Притоа, Месечината никогаш не се искачува толку високо да го досегне зенитот, освен за набљудувачите на екваторот. Ова е и еден од доказите дека Земјата е топчеста.

Со промена на географската широчина, ориентацијата на Месечината останува соодветно иста, но движејќи се полека кон екваторот погледот кон Месечината се менува за одреден агол од обете страни, и соодветно на тоа и глетката полека се заротирува за одреден агол.

Сево ова лесно може да го проверите доколку со некој ваш пријател или роднина, кој живее на јужната полутопка, се договорите да ја фотографирате Месечината во исто (или приближно исто) време. Резултатите од еден токму ваков експеримент се прикажани на слика 2.

Да додадеме дека сето ова е невозможно со моделот на Рамна Земја каде Месечината е мала (50 km) и кружи ниско над Земјата (на 5000 km) – слика 3. Во таков случај не може да има превртување на изгледот на Месечината од било која точка на Земјата – она што е горе секогаш ќе биде горе, исто како кога би погледнале (и фотографирале) лустер во соба, прво од едната страна на собата, а потоа од другата (и на двете слики кабелот на кој виси ќе биде горе).

Исто така при таква конфигурација од разни точки на Земјата ќе се гледаат разни делови од Месечината (повеќе од половина на сферата), односно вкупно ќе биде видлива речиси целата површина од Месечината, а сите знаеме дека од Земјата секогаш се гледа една иста страна на Месечината заради изедначеноста на ротацијата и револуцијата.

Клучни зборови:
Зошто Месечината изгледа наопаку од јужната хемисфера?

Зошто Месечината изгледа наопаку од јужната хемисфера?

Скица која објаснува зошто Месечината изгледа наопаку од јужната хемисфера.

Скица која објаснува зошто Месечината изгледа наопаку од јужната хемисфера.

Фотографии од Месечината направени на ист датум од северната и јужната полутопка на Земјата.

Фотографии од Месечината направени на ист датум од северната и јужната полутопка на Земјата.

Скица за моделот Рамна Земја

Скица за моделот Рамна Земја

Месечевите мени гледани од северната и јужната полутопка.

Месечевите мени гледани од северната и јужната полутопка.