Рубрика: Аудио и видеотехника
Иднината на ТВ е во холограмски пренос на видеосодржини
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 13.06.2018 - 12:45

Замислете да сте во можност да го следите Светското првенство во фудбал преку 3D "холограм" на вашата трпезариска маса. Дали е ова иднината на телевизиските преноси? Па, можеби...

Една нова техника ги претвора видеата од YouTube во 3Д реконструкции на натпревари. Техниката ги користи можностите на конволуциска нервна мрежа, еден вид алгоритам за вештачка интелигенција којшто е моделиран според делот од мозокот којшто ги обработува визуелните податоци. Со оваа “алатка” инженерите ги увежбувале можностите за перцепција на длабочината, проценуваќи  ја оддалеченоста на површината и на секој од играчите од камерата со којашто се снима натпреварот. Мрежата анализирала 12 000 дводимензионални слики од играчи коишто биле преземени од податоците на видео-играта ФИФА. Заедно со сликите биле преземени и 3Д податоците од основните движечки програми на играта за мрежата да може да создаде корелации помеѓу сликите. На овој начин можела да се мапира длабочината на видното поле од агли што се невидливи за камерата што го снима мечот. Со комбинација од снимките системот можел да направи реконструкција на секој од играчите во 3Д. Играчите потоа биле поставени врз виртуелен фудбалски терен со што било овозможено содржината да се следи од повеќе агли.

Пристапот бил тестиран со паметните очила HoloLens на Мајкрософт, кои овозможиле преклопување на 3D реконструкцијата површина од реалниот свет. Крајниот производ сé уште е нецелосен – има проблеми со рендерирање на топката, не може да функционира во реално време, а меѓу другото, овозможува поглед само од страните на теренот каде што биле поставени камерите при снимање на натпреварот. Но, споредено со водечките пристапи за 3Д реконструкција во спортот, каде се употребуваат низи од камери распоредени околу теренот при што се снима секој агол, новата техника нуди едноставност. Инженерите велат дека пристапот би можел да се употреби и  за други настани што се случуваат на однапред познати простори, како, на пример, музички концерти или театарски претстави.

Клучни зборови: