Рубрика: Медицина
Ешерихијата има омилена крвна група
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 22.05.2018 - 12:45

Предизвикувачот на болести од видот на Е. coli лачи протеин којшто се лепи за молекулите на шеќер што чинат дел од крвните клетки од типот А, но ова не е случај кај крвните клетки од типот Б или 0. Истите молекули на шеќер се наоѓаат и кај клетките коишто ги обложуваат цревата кај луѓето со крв од типот А. На овој начин, тие им обезбедуваат на бактериите место каде што полесно ќе се закачат”  пред тие да ги испуштат токсините што предизвикуваат дијареа. Ова се наодите од клиничките истражувања објавени овој месец, во списанието Journal of Clinical Investigation, од страна на тимот предводен од истражувачи на Медицинскиот факултет при Вашингтонскиот универзитет во Сент Луис.

И претходно имаше навестувања за поврзаноста меѓу крвната група и сериозноста на инфекцијата предизвикана од ешерихија коли. Но, сè досега, недостасуваше јасна врска.

Во спроведеното истражување на Универзитетот Џонс Хопкинс, на 106 здрави волонтери им било дадено да испијат вода загадена со бактеријата ешерихија коли, изолирана од лице во Бангладеш со тешка дијареа. Во рок од пет дена, 81 отсто од доброволците со крвна група од типот А или АБ развиле умерена до тешка дијареја. За разлика од нив, само околу половина од луѓето со крвна група 0 или Б развиле знаци на болест. Се разбира, подоцна секој од учесниците во испитувањето добил антибиотици за да ја исчисти бактеријата.

Откритието укажува на тоа дека вакцината којашто би била насочена кон уништување на бактерискиот протеин, присутен кај повеќето видови на E. coli, би можела да се покаже како мошне ефикасна.  Развојот на ваков вид на вакцина би се покажал корисен не само за оние што често патуваат, туку и за децата во земјите во развој, кадешто честите и повторливи инфекции со ешерихија се поврзуваат со неисхранетост и застој во растот. Иако ешерихијата не е единствениот микроб што може да предизвика сериозна дијареја, одржувањето на основната хигиена, миењето на рацете и прочистувањето на водата, сè уште се најдобра одбрана, барем од оваа болест.

Клучни зборови: