Рубрика: Автомобилска техника
SCANIA камионски мотори на ТНГ (LPG)
Автор: Томе Скендеровски
Објавено на 21.05.2018 - 11:00

Инженерите на прочуениот шведски производител на тешки товарни возила (камиони), SCANIA направија еден голем чекор во зачувување на чистата животна средина, со што директно придонесоа во подигнувањето на прагот за минимум дозволено загадување на животната средина од превозните средства, во случајов од камионите. Имено, тие конструираа и произведоа камионски мотор којшто како гориво користи течен нафтен гас (ТНГ, или LPG). Во однос на перформансите, воопшто не заостанува зад класичните дизелски мотори коишто се вообичаен погон за тешките возила, што е клучна карактеристика. Работи според Отовиот циклус (значи со принудно палење, т.е. со свеќички). Ќе се вградува во камионите на SCANIA од сериите G и R, вклучително и во влечните возила (шлепери) од SCANIA. Има опции да работи и на природен гас (CNG), природен гас во течна состојба (LNG), како и на компримиран био гас (CBG). Радиусот на движењето, во зависност од погонското гориво, се движи од 500 до 1600 km.

Во понуда се три мотори  со 280, 340 и најсилниот со 410 КС. Најсилниот мотор испорачува 2000 Nm вртежен момент и е со зафатнина од 13 литри. Има 6 цилиндри коишто се во линиски распоред. Емисиите на CO2 се намалени за 90%, што е восхитувачки резултат кој нема потреба да се коментира. Согорувањето е стехиометриско и компресиониот простор е дизајниран така што да имаме согорување без остаток на кислород или гориво. Степенот на компресија е 12,6:1 (тоа гасот како гориво го овозможува без проблеми), со што значително е зголемен термодинамичкиот степен на корисно дејство. Од другата опрема којашто е во функција на еко-заштитата, може да се издвои EGR вентилот и 3-кракиот каталитички конвертор на издувните гасови.

Што се однесува до сервисните интервали, познато е дека дизел-моторите имаат подолги сервисни интервали во однос на ото-моторите. Но, инженерите на SCANIA го надминаа и овој горлив проблем, така што сервисниот интервал на овие мотори го доближија до оние на дизелските мотори. Тоа практично значи дека сега сервисниот интервал е на 45 000km (наместо вообичаениот од 30 000km).

Scania во својата понуда веќе има камиони на електричен погон, а според најновите вести Scania на овој план ја следи и DAF којшто неодамна накави развој на целосно електричен камион, којшто ќе стане достапен за дистрибуција и продажба уште оваа година!

Клучни зборови: