Рубрика: Автомобилска техника
Нова надеж за моторите СВС - бензин и дизел одеднаш!
Автор: Томе Скендеровски
Објавено на 17.05.2018 - 11:45

Во време на засилено усвојување на електричниот погон за моторни возила, од пред 8 години, еден американски универзитетски професор во неговите универзитетски лаборатории за реален мотор СВС, врши испитувања на двогоривен мотор и со своите испитувања докажува дека неговиот изум го подига степенот на термички коефициент на корисно дејство на циклусот на 60% (теоретски е до 64% – блиску до Карнотовото ограничување за идеален затворен термодинамички кружен циклус) и драстично ги намалува штетните емисии. Името на професорот е Ралф Рајц (Rolf Reitz), а името на универзитетот е Универзитет на Висконсин-Медисон (University of Wisconsin-Madison) во САД.

Имено, моторот користи две горива. Едното е гориво со ниска реактивност, при што избран е бензинот, а другото е гориво со висока реактивност и тоа е нафтата или дизелот. Процесот е познат како реактивно контролирано компресорско палење, или RCCI (Reactivity Controlled Compression Ignition). Моторот паралелно работи на двете горива, со тоа што во зависност од потребите и режимот, прави нивна соодветна мешавина, така што при високи оптоварувања повеќе троши бензин, а при ниски оптоварувања повеќе троши дизелско гориво. Напојувачката инсталација има два резервоара и две шприцалки (бризгалки за горивото), една за бензинот, а друга за дизелот (види на сликата) и хардвер со соодветен софтвер за управување со работата на моторот. Кога клипот вцицува, шприцалката во вцицувачкиот колектор шприца само бензин, и така цилиндарот се полни со смеса од воздух и одредена количина бензин. Потоа следува тактот на компресија и додека тој не е голем, другата шприцалка за нафта што се наоѓа во компресиониот простор впрскува одредена количина нафта. Таа добро се меша со бензинот и по кратка пауза, кога клипот ќе биде при крај со компресијата, се впрскува нова количина нафта која се замозапалува (условите за тоа се созреани). Со тоа, ја пали претходно подготвената мешавина од нафта, бензин и воздух во цилиндарот. При ова, како што се тврди во трудот во кој е презентирана оваа иновација, се овозможува речиси идеално согорување, но клучот е во тоа што температурите на согорување се исклучително ниски и тука е трикот на високиот степен на корисно дејство од дури 60% (денешниве бензински мотори имаат околу 43%, а дизелските околу 50% термодинамички степен на корисно дејство). Идејата е во тоа што помалку топлина “бега” во ѕидовите на блокот од моторот, а со тоа и во системот за ладење, и така се зголемува степенот на корисно дејство.

Дали оваа иновација ќе го најде патот до сериско производство и примена во моторите СВС, никој не знае. Тоа само времето може да го каже. Испитувањата продолжуваат на реални автомобили. Повеќе за ова можете да видите тука и тука

Клучни зборови: