Рубрика: Астрономија и астронаутика
Маглината Еским
Автор: Билјана Дијанисиева
Објавено на 15.05.2018 - 13:30

Препознатливата фотографија на маглината Еским, направена од вселенскиот телескоп Хабл

Маглината Еским е типичен и совршен пример за планетарна маглина. Овие објекти се создаваат кога ѕвезда со димензии слични на нашето Сонце ќе дојде до завршните фази од својот животен век, кога материјата од надворешните слоеви ја отфрла во околната средина, а на местото на некогашната сјајна ѕвезда останува само нејзиното јадро – белото џуџе. Ваква судбина ќе има и нашето Сонце.

Планетарните маглини се можеби едни од најубавите објекти кои може да се видат на ноќното небо. Нудат “експлозија” од бои и форми, а во исто време даваат и поглед одблизу во животот на една ѕвезда. Имено, планетарните маглини се создаваат кога ѕвезда со димензии слични на нашето Сонце ќе дојде до завршните фази од својот животен век. Поголемиот дел од водородот во нејзиното јадро веќе е претворен во хелиум, ѕвездата се шири и станува црвен џин, за на крајот да ја отфрли материјата од надворешните слоеви во околната средина, а на местото на некогашната сјајна ѕвезда да остане само нејзиното јадро – белото џуџе. Ваква судбина ќе има и нашето Сонце.

Маглината Еским е типичен и совршен пример за планетарна маглина. Објектот е составен од централна ѕвезда (бело џуџе), средишен меур од материјал кој е исфрлен од ѕвездата и околен облак од гас и прашина, кои некогаш биле дел од надворешните слоеви на матичната ѕвезда. Карактеристично за оваа маглина се кончестите портокалови формации во надворешниот облак од гас, кои наликуваат на далечни комети, а се протегаат по околу една светлинска година во должина. Потеклото на овие формации сè уште не е разјаснето, но се претпоставува дека тие се создале при судир на гасовити маси кои се движеле со различна брзина. Сите овие структури ја даваат препознатливата форма на маглината – таа наликува на човечка глава обвиткана со ескимска качулка – по што го добила и своето популарно име. Инаку, официјалната ознака на маглината е NGC 2392, а објектот уште е познат и под името Кловн или Кловновско лице.

 Маглината прв пат е набљудувана во 1787 година од страна на Вилијам Хершел, истиот астроном кој во 1781 година ја откри планетата Уран. Се наоѓа во соѕвездието Близнаци, а од нас е оддалечена околу 3000 светлински години. Привидната магнитуда на целиот објект е 10,1, што ја прави маглината невидлива за голото око, но релативно лесна за наоѓање и набљудување со телескоп. Секако, како и кај сите планетарни маглини, во убавините на Еским најдобро може да се ужива преку фотографии, на кои може да се забележат сите нијанси на бои и детали во нејзината структура. Совршен пример за тоа е до сега најдеталната фотографија на маглината Еским, направена со WFPC 2 камерата на вселенскиот телескоп Хабл во 2000 година. Боите на облакот од гас потекнуваат од различните хемиски елементи: азот (црвена), водород (зелена), кислород (сина) и хелиум (виолетова).

Клучни зборови: