Рубрика: Астрономија и астронаутика
Дали постојат бели дупки во космосот?
Автор: Петар Лагудин
Објавено на 04.05.2018 - 12:00

Идејата за постоење на бели дупки во космосот произлегла како второ можно математичко решение на равенките од Ајнштајновата Општа теорија за релативитетот, аналогно како што од истите тие равенки произлезе и постоењето на црните дупки. Според равенките, белите дупки се хипотетички астрономски објекти дијаметрално спротивни на црните дупки. Тоа значи дека ако од црната дупка ништо не може да излезе надвор, аналогно на тоа, во белата дупка ништо не може да влезе внатре. Според тоа, на црните и на белите дупки заедничко им е тоа што и двете се во состојба на т.н. сингуларитет, состојба во којашто некоја физичка големина оди кон бесконечност. Во конкретниот случај сингуларитетот на дупките значи бесконечно голема искривеност на простор-времето околу нив, па доколку некое тело би се приближувало кон некоја бела дупка, светлината којашто таа ја емитува би го одбивала телото со сè поголема сила како тоа сè повеќе се приближува кон неа, односно сè повеќе би го забавувала неговото движење. Според тоа, нему би му требало сè поголема енергија за да продолжи да се приближува кон дупката, но за тоа конечно да влезе во неа, ќе му биде потребна бесконечно голема енергија, каква што не постои во универзумот!

Меѓутоа, фактот дека и белите дупки се исто така математичко решение на наведените равенки, не мора да значи дека тие реално мора да постојат, па според тоа, до пред извесно време физичарите на нив гледале како на математичка игра. Но, од 1957 година, сепак, тие започнале посериозно да се занимаваат со оваа проблематика, па од тоа произлегле неколку можни опции. Помеѓу сите нив најитересна е опцијата според којашто црните и белите дупки се во заедничка спрега т.н. црвоточина. Тоа значи дека сè што ќе влезе внатре во црвоточината преку црната дупка, тоа ќе биде исфрлено надвор преку белата дупка во некој друг простор во универзумот, а можеби дури и во некој друг универзум! Согласно со тоа, физичарите не ја исклучуваат можноста дури и Биг-Бенгот во реалноста да бил исфрлување на материја од бела дупка, којашто била во состав на некоја таква црвоточина.

Постои и друга опција лансирана од пред неколку децении, според којашто космичките објекти т.н. квазари се доведувале во врска со белите дупки. Да објасниме, квазарите се најсјајни космички објекти лоцирани на самиот раб на универзумот. Тие зрачат десетина пати поголема енергија отколку што зрачат најобичните галаксии, па со тоа асоцираат на бели дупки. Но, нивната поврзаност со белите дупки досега не можеше да се докаже, па идејата е напуштена.

Така, белите дупки и натаму останале хипотетични објекти, но да се потсетиме, и теоријата за црните дупки беше претходно детално разработена, пред да се докаже постоењето на црните дупки.

Клучни зборови: