Рубрика: Геологија
Земјотрес предизвикан од човечка активност
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 27.04.2018 - 15:00

Земјотресот со магнитуда од 5,4 степени, што лани на 15 ноември го погоди јужнокорејскиот град Поханг бил еден од најсилните во тој регион откако, во далечната 1903, година се почнало со следење на сеизмичката активност во тој дел од светот. Според најновите испитувања се чини дека земјотресот е можно да бил предизвикан од активностите на блиската геотермална централа за производство на електрична енергија.

Според Франческо Григоли, еден од авторите на трудот објавен во списанието Science, ако понатамошните истражувања ги потврдат првичните наоди ова би бил најсилен земјотрес врзан со активностите од геотермалните системи, што може да донесе до мнигу промени во геотермалната индустрија во светски рамки.

Иако во земјотресот во Поханг немало жртви, во него се повредни десетици луѓе,  а околу 1500 останале без дом.

Трудот на Франческо Григоли од Швајцарскиот сојузен институт за технологија во Цирих, се фокусира на поврзувањето на земјотресот со локацијата каде се наоѓа централата која работи со Подобрен Геотермален Систем - ПГС (Enhanced Geothermal System - EGS). ПГС произведува електрична енергија со помош на водена пареа. Ова се постигнува со впумпување на големи количини од студена вода под висок притисок длабоко под земјата, при што се создаваат нови пукнатини и се зголемуваат постоечките. Процесот е сличен на оној на кај хидрауличното распукување (fracking), метода што во последно време се употребува при вадењето на нафта и плин, за поефикасно искористување на нафтените полиња.

Во трудот се вели дека природните и индуцираните земјотреси не се разликуваат по карактеристиките на нивните сеизмички бранови. Детектирањето на вештачки предизвикани земјотреси се потпира на откривањето и поврзувањето на убедлива низа од докази кои упатуваат кон главниот виновник. Хипотезата дека секвенцата на земјотресот во Поханг била предизвикана од човечка активност е поддржана од корелациите меѓу главниот удар, афтершоковите и инјекциите од ПГС.

Иако индуцираните земјотреси се чести во регионите каде се врши екстракција на нафта и гас, геотермалната активност претходно не била поврзана со поттикнување на земјотрес со магнитудата поголема од 3,4.

Во едно друго истражување на земјотресот во Поханг, јужнокорејскиот геолог Канг-Хи Ким и неговите колеги направиле локален каталог на земјотреси што им овозможило да ги анализираат причинско-последичните односи од инјекциите од ПГС и сеизмичката активност.

Кога истиот го споредиле со анализата од податиците добиени при предшоковите и афтершоковите од земјотресот во Поханг, заклучокот бил дека земјотресот речиси сигурно бил предизвикан со впумпувањето вода во критична точка од потповршинскиот расед. Во поглед на количината на впумпана течност, заклучокот на научниците е дека впумпувањето и на значително помали количества на течност некогаш може да предизвика релативно силни земјотреси.

Трудот на Григоли заклучува дека земјотресот во Поханг го пренел статичниот стрес на блиските поголеми раседи, потенцијално зголемувајќи ја опасноста од сеизмичка активност пошироко во регионот.

Клучни зборови: