Рубрика: Геологија
Занклијската мегапоплава на Медитеранот
Автор: Петар Лагудин
Објавено на 25.04.2018 - 14:15

Медитеранскиот басен по затворањето на Гибралтарскиот Мореуз

Средоземното Море во далечното минато, поточно кажано пред околу 5,96 милиони години, поминало низ една критична фаза, во којашто му се закануваше тотално  исушување поради затворање на Гибралтарскиот мореуз. Но, спасот сепак дојде со повторното отворање на Гибралтарскиот канал, некаде пред околу 5,33 милиони години.

До ова сознание дојде една група истражувачи под водство на Арон Микалев (Aaron Micallev), геолог на Универзитетот на Малта, а сознанието беше објавено во научниот журнал Scientific Reports. Па, да ги проследиме деталите за тој настан објавени во наведеното списание!

Гибралтарскиот мореуз, којшто ги поврзува Атланскиот Океан и Средоземното Море, поради разни тектонски пореметувања беше двапати затворен во далечното минато, поточно кажано, во времето на геолошкото доба т.н. “месина”, кое што е дел од геолошкиот период “миоцен”, па настанот е евидентиран како “месинска солена криза” (Messinian Salinity Crisis). Првпат Гибралтарскиот мореуз беше затворен пред  околу 5,96 милиони год., а вторпат пред 5,6 милиони години. Со тоа беше прекината врската помеѓу Атлантикот и Медитеранот, а како последица на тоа, настана небалансираност помеѓу испарувањето на водата од Медитеранот и дотурот на свежа вода од реките. Поради тогашните сушни климатски услови во тој регион, дојде до интензивно испарување на водата од Средоземното Море, па тоа започна да се суши и да се намалува. Така, само за едно илјадалетие, Медитеранот се трансформира во два речиси суви базена, помеѓу себе одвоени со сув “мост” составен од Апенинскиот Полуостров,  Сицилија и дел од северна Африка. Во базените останале бројни поединечни хиперсолени водени џебови налик на денешното Мртво Море. Како доказ за тоа, истражувачите наведуваат примероци од евапорати на морското дно, всушност седиментни карпи од групата соли, коишто поинаку не можеле да се формираат, освен со испарување на хиперсолена вода, при што доаѓа до згуснување  на разни минерали содржани во таа вода, па тие се концентрираат образувајќи ги седиментните карпи.

Но, спасот на Медитеранот дојде во геолошкиот период  “занклиј” со т.н. “занклијска мегапоплава” (Zanclean megaflood), којашто се случила пред околу 5,33 год. кога Гибралтарскиот канал повторно се отворил, и водата од Атланскиот Океан нагрнала со сета сила во Медитеранскиот речиси испразнет базен, длабок и до 5 km. Така, тој започнал поторно да се полни со вода. Доказите за овој настан, групата истражувачи ги темат врз наоди на многубројни различни цврсти каменити тела на морското дно источно од Сицилија и околу островот Малта, коишто  лежат над  наслагите од претходно наведените евапорати, распространети на простор долг до 160 km и широк 95 km. Tие цврсти тела, според групата истражувачи, не можеле да дојдат таму поинаку, освен под дејство на јак воден млаз, којшто нема од каде да потекнува, освен од излевање на водата од Атлантикот во Медитеранскиот базен. Така “занклијската мегапоплава” всушност го обновила Средоземното Море. Во прилог на веродостојноста на сите овие наведени случувања, истражувачите се повикуваат и на последицата од претходната долгорочна изолација на Медитеранот; имено, на повисокиот процент на сол и други минерали во водата во Средоземното Море, во споредба со водата во Атланскиот Океан.

Но, геолозите не ја исклучуваат можноста Гибралтарскиот мореуз во далечна иднина повторно да се затвори поради разни тектонски пореметувања коишто перманентно постојат, па целата случка да се повтори, дури и повеќе од тоа, можно е Средоземното Море некогаш да биде наполно збришано поради постепеното перманентно поместување на Африканскиот континент кон север! 

Ќе завршиме со напомената дека  бесмислица е “занклијската мегапоплава” од пред околу 5,33 милиони години да се поистоветува со “тоталниот потоп” опишан во Библијата, всушност плагијат на потопот содржан  во многу постариот сумерски еп за сумерскиот полубог Гилгамеш! Имено, се знае дека во времето на “занклијската поплава” човечкиот род сè уште не постоел, па не постоела ниту фамилијата на “праведникот” Ное, којашто “единствена го преживеала тоталниот потоп сместувајќи се во Ноевиот ковчег”!?

Клучни зборови:
Медитеранскиот басен по затворањето на Гибралтарскиот Мореуз

Медитеранскиот басен по затворањето на Гибралтарскиот Мореуз

Занклијската мегапоплава во фази

Занклијската мегапоплава во фази