Рубрика: Омнибус
Крајот на светот не се случи ниту овој пат!
Автор: Петар Лагудин
Објавено на 24.04.2018 - 12:00

Да се потсетиме, во врска со oва прашање во минатиот напис кажавме дека во претходните години, крајот на светот беше неколкупати најавуван од страна на заговорниците со болен ум. Тоа наводно требаше да се случи кога таинствената планета Нибиру, измислица на древните Сумери и според нив, населена со Анунаки, т.е. група древни богови,требаше да удри во Земјата и сосема да уништи сè на неа. На тоа, современата наука не остана индиферентна, туку го демантираше ова со фактот дека таква планета воопшто не постои. Самите бевме сведоци на тоа дека крајот на светот не се случи, односно дека науката беше во право.

Но, овие промашувања не ги вразумија заговорниците, туку тие ги протолкуваа со наводно нивна “грешка во чекорите”, па го презакажаа датумот за крај на светот, овој пат за 23 април оваа година! Се разбира дека и сега науката тоа го демантираше, и еве повторно таа беше во право, а во тоа и самите ние се уверивме дека ниту овој пат ништо такво не се случи. Во тој контекст, нема посоодветен начин да им се возврати на малоумните заговорници, освен нивно исмејување во саркастичен стил, па еве го одговорот: “Крајот на светот ниту овој пат не се случи бидејќи боговите Анунаки, кои според древните Сумери ја населуваат планетата Нибиру, увиделе дека судирот со Земјата ќе значи истовремено загрозување и на нивните животи, па решиле да ја изменат траекторијата на планетата Нибиру, и затоа таа не удри во Земјата! Но, заговорниците тоа не го знаеја, па поради тоа, и овој пат го промашија датумот за крај на светот”. (Хе, хе, хе...!)

Сега е актуелно како натаму ќе се однесуваат заговорниците? Малку е веројатно дека тие конечно ќе се вразумат, туку поверојатно е дека, откако ќе почекаат извесно време, повторно ќе измислат нов датум за “крај на светот”! Но, овој пат дали воопшто некој ќе им поверува, кога врз основа на досегашното искуство со нивните пророштва, сите можеа јасно да видат дека се најобична шарлатанска лага, во којашто не можеме да препознаеме друга цел, освен сеење страв кај недоволно упатените во науката! Но, од сето тоа треба да се извлече добра поука, во смисла кому треба да му се верува, дали на разно-разните квазинаучни малоумни шарлатани или на науката, а таа многу лесно се препознава според нејзината конструктивност и според доказите врз коишто се темели секое нејзино толкување и сознание. Во таа насока, во голема мера ќе ви помогне списанието за пропагирање на науката и техниката, ЕМИТЕР. 

Клучни зборови: