Рубрика: Физика
Симулирани условите во јадрото на големите карпести егзопланети
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 17.04.2018 - 12:30

Физичарите ги симулираа условите во јадрата на некои од големите карпести егзопланети, изложувајќи парчиња железо на постојани удари од ласери. Резултатите од мерењата го даваат првиот показател за тоа како железото може да се однесува во планетите надвор од Сончевиот систем, кои се неколкупати поголеми од масата на Земјата. Трудот е објавен на 16 април, во Nature Astronomy.

"Досега немаше достапни информации за состојбата на овие материјали во центарот на големите егзопланети", вели Реј Смит, физичар при Националната лабораторија Лоренс Ливермор во Калифорнија, САД.

Смит и неговите колеги насочиле 176 ласери кон парче железо со дебелина од неколку микрометри, завиткано во златен цилиндар. Ласерите испорачале доволно енергија во 30 милијардити дел од секундата, за да го компримираат железото на притисок 14 милиони пати поголем од атмосферскиот притисок на Земјата на нулта надморска височина. Истражувачите мереле како се менува густината на железото со изложување на различни притисоци.

Се смета дека вакви високи притисоци владеат во железните јадра на карпестите егзопланети што се помеѓу три и четирипати поголеми од масата на Земјата. Иако нашиот Сончев систем нема планети од оваа големина, тие се најчестиот вид екстрасоларни планети во галаксијата. Претходните симулации укажуваат на тоа дека некои од овие карпести светови може да имаат внатрешен состав сличен на Земјата.

Оваа сличност дава надеж дека егзопланетите можеби имаат и особини што ги прават поволни за развој на жив свет, како што се магнетно поле или тектонски плочи. Најновиот орбитален телескоп на НАСА, наречен ТЕСС, чие лансирање е одложено за 18. април, се очекува да открие стотици планети со оваа големина.

Но, деталите за внатрешната градба на егзопланетите тешко се доловуваат. Досега, истражувачите мораа да го екстраполираат однесувањето на железото при високи притисоци со мерења направени при ниски притисоци, што влеваше повеќе несигурности за добиените резултати. Со новите мерења, научниците можат да бидат посигурни дека нивните симулации ги одразуваат актуелните улови кај планетите.

Претходно, Смит и неговите колеги постигнаа одреден напредок со изложување дијаманти на уште поголеми притисоци. Дијамантот лесно се компресира, но мала е веројатноста дека се наоѓа длабоко во карпестите егзопланети.

Клучни зборови: