Рубрика: Медицина
Ремонт на оштетено срце
Автор: Калина С. Андонова
Објавено на 06.06.2012 - 10:49

Истражувачи во Институтот „Гледстоун" од Универзитетот во Калифорнија, вршеле истражувања со цел да пронајдат начин како да ги поправат оштетените срцеви клетки. Еден од начините бил оштетеното ткиво да се замени со здраво ткиво од донатор, додека, пак, во другото испитување форсирана била можноста да се најде начин како да се обновува срцевото ткиво на сличен начин како што амфибиите ги обновуваат загубените екстремитети, особина која цицачите ја изгубиле низ еволуцијата.
Некои студии предложуваа интересни теории дека низ времето цицачите ја загубиле способноста да се обновуваат бидејќи процесот на обновување и создавање ново ткиво може да доведе и до неконтролирано делење на клетките, односно до појава на дефектни, односно малигни клетки. Можеби некаде во еволуцијата на цицачите се развил еден вид блокатор за појави на тумор, кој пак од друга страна придонел да го спречува организмот да си ги обновува оштетените ткива како што се случува тоа кај гуштерите. Истражувачите откриле дека неколку вида гени како што се: ретинобластом или Rb и генот познат како ARF се задолжени токму за блокирање на развојот на тумори и тие го оневозможуваат создавањето, односно регенерирањето на нови и оштетени ткива. Со манипулација на овие гени се овозможува репрограмирање на клетките.
Поаѓајќи од овој факт, истражувачите успеале оштетените клетки во срцевите мускули кои ја помагаат работата на срцето да ги вратат во ембрионална фаза за потоа да ги поттикнат да пораснат до здрави возрасни матични клетки, кои почнале контролирано да се развиваат и делат, заменувајќи го старото и оштетено ткиво со ново и здраво ткиво.
Се разбира, на овие терапии им се потребни уште голем број тестирања пред да почнат да се применуваат и на луѓе, но сепак ова се убави и охрабрувачки вести за оние šшто живеат со постојани срцеви проблеми. Кога човек ќе добие срцев удар дел од неговите срцеви клетки умираат. Бројот на изумрени клетки зависи од сериозноста на ударот и колку долго тие се оставени без кислород. Околу 5 милиони Американци живеат во состојба šшто може да доведе секој момент нивното срце да престане да работи. Способноста за регенерирање на овие оштетени кардиоваскуларни клетки може да овозможи организмот самиот да ги поправи оштетените ткива без да има потреба од високоризични трансплантации и вметнување на медицински импланти.
Според истражувачите овој метод на репрограмирање може да се примени и кај оштетен 'рбетен столб, како и кај некои други оштетени органи.