Рубрика: Електротехника
Интелигентен "зелен систем" за осветлување на улици
Автор: Калина С. Андонова
Објавено на 30.05.2012 - 10:53

Интелегентен систем за осветлување и контрола во кој во потполност се интегрирани индукциските светилки на АМКО, апликациите за заштеда на енергија на компанијата Echelon и софтверот на Sreetlight Vision – сето ова преставува систем за осветлување на 21 век. Системот содржи додатни функции за заштеда на енергија како што се: затемнување (димување) на светлоста, фотоќелии и инфрацрвени сензори. Овој систем може да се прилагоди и да се употребува и за внатрешно и за надворешно осветлување на јавни простори и улици. Streetlight Vision системот нуди паметно управување со енергијата, надзор на опремата за осветлување и нејзино одржување. Со помошта на овој систем не само што се намалува потрошувачката на енергија во одредени апликации дури за 90 проценти туку и се намалуваат и оперативните трошоци, како и емисијата на CO2.
Како дејствува овој систем, на пример, во еден град?
Секој град е поврзан со мрежа контролирана од контролен центар. Стандардните IP врски како што се преку GPRS модем или WiFi овозможуваат пристап до сите сегменти од градот, како и далечински надзор и управување. Сегмент-контролерот на фирмата Echelon преку i.LON SmartServer комуницира со веќе постоечките светлосни сегменти на осветлување во градот, што значи не е потребно ново ожичување на улиците. АМКО индукциските светилки комуницираат, исто така, со Smart серверот со посредство на примопредавател вграден во нив. Мрежата во потполност е контролирана и интегрирана со Streetlight Vision софтвер за управување, а надзорот и контролата се со посредство на веб-предавател на градскиот контролен центар.
Системот е решение "клуч на рака" и работи следејќи ги временските услови и времето во текот на денот и во склад со тоа ја оптимизира потрошувачката на енергија притоа давајќи максимално осветлување. Инаку системот е инсталиран во повеќе од 300 проекти во околу сто градови во Европа и е стандардна технологија на пазарот од овој домен. Системот е посебно интересен бидејќи во голем број градови системите за осветлување се стари повеќе од неколку десетици години и итно треба да се реновираат. Во прилог на овој систем е и големата потрошувачка на старите системи и огромните трошоци за нивното одржување. На системот му се предвидува век од над 100 години. Со овој систем се добива модерно современо штедливо осветлување на 21 век, посебно применливо и добро за градско улично осветлување.
Други предности: најмалку 50% енергетска заштеда во однос на други системи и сијалици; брзо и постепено затемнување до 50%; 60 000 часа стандардна гаранција со можност за проширување до 100 000 часа на светилките; нагодлива светлина која одговара на нивоата и условите на амбиентот; супериорен возврат и интерпретација на боите од осветлените објекти.
Заради заштедата на енергија го добил и називот "зелено" осветлување.