Рубрика: Астрономија и астронаутика
Метеор, ѕвезда или…
Автор: Андреја Бабамов
Објавено на 29.05.2012 - 14:58

Оние кои кога било во животот виделе ѕвезда што паѓа, а не се занимаваат со астрономија, веројатно во таа прилика си замислиле по некоја убава желба. Оние, пак, што се занимаваат со астрономија, или барем колку толку се разбираат во оваа наука, веројатно виделе толку многу метеори, што го потрошиле целиот список на желби.
Но, и едните и другите под поимот метеор или "ѕвезда што паѓа" подразбираат долги светлински траги по небото, кои можат да имаат различна големина. Во принцип, должината на трагата зависи од два фактора – големината на метеороидот (космички камења со различна големина, од зрнце песок, па до големина на куќа) и од аголот под кој се гледа од Земјината топка.
Теоретски, сите метеори (освен оние што не припаѓаат на ниеден рој т.н. спорадици) како да извираат од една точка на небото, која се вика радијант. Од радијантот како да се распрснуваат метеори во сите насоки. Но, понекогаш е можно метеорот да оди токму кон набљудувачот, и тогаш се добива визуелен ефект на краткотрајно зголемување на сјајот на некоја ѕвезда, која веднаш потоа ја снемува.
Оваа појава е позната како точкест метеор, и само навистина упорни и среќни луѓе можат да го видат тоа, а оние кои имаат уште поголема среќа можат и да направат фотографии. Токму тоа му се случило на еден астроном-аматер, кој за време на метеорскиот рој Квадрантиди успеал во кадарот да улови еден таков точкест метеор.