Емитер - Списание за наука и техника Емитер - Списание за наука и техника

-

::Импресум ::Претплата ::Услуги ::Маркетинг ::Соработка ::Контакт

Пребарување:
Најава:
Email: Лозинка: Регистрирај се

E-Prodavnica

OnlineBroj

Sorabotka

Рубрика: Аеронаутика

Едрилица Ваја

Автор: Перица Поповски

Објавено на: 30-11-2017 18:44



Едрилица Ваја (Weihe)Главниот одбор на Воздухопловниот сојуз на Македонија уште во 1965 година донел одлука за ренесанса на македонското спортско воздухопловство со што целосно го промени начинот на дејствување. Ги обединија најквалитетните расположливи кадри, воздухоплови и опрема и назначија управници на воздухопловните центри. Па така, во 1966 година, започна со активности воздухопловната база за почетници едриличари, а паралелно со неа и подготовката на нови стручни кадри и на врвни спортисти.

Во 1967 година, како резултат на подготовките се избраа двајца пилоти-едриличари за учество на Државното првенство, јубилејно 15-то по ред во Вршац – Србија (тогашен воздухопловен центар на сите спортски пилоти, а подоцна и воени пилоти од “екс-ју” просторите). За пилоти натпреварувачи беа одредени две екипи, екипата од Битола во состав Кире Ангеловски – Татарот и, мојата маленкост, Перица Поповски како помошник, и екипата од Скопје во состав Перо Десков како пилот и Марко Марковски како помошник.
Информацијата дека сум одреден за помошник ми беше особено драга, но и ја примив и со доза на загриженост поради степенот на обврски, бидејќи едвам имав навршено 17 години. Но, благодарејќи на подготовките со техничката служба и сознанијата од теоретскиот и практичен дел од едриличарската обука го прифатив предизвикот. Ни беше дадено до знаење дека натпреварувачите ќе настапат со едрилици од типот Ваја и, секако, подготовките беа насочени кон оспособување за одржување, расклопување и склопување на овој тип едрилици.
Инаку интересна е историјата за градба на едрилицата Ваја. По конструкцијата на едрилицата Рајхер (DFS Reiher), конструкторот Ханс Јакобс увидел дека таа е доста сложена за градба, особено за масовно производство. Затоа Јакобс се одлучил да ја конструира едрилицата Ваја (Weihe), во 1937 – 1938 година. За разлика од Рајхер, едрилицата Ваја била конструирана како висококрилец со потполно рамни крила (се разбира, гледано во правец на летот) и со мал V изглед на крилата од 2,5”. Профилот за крилата е употребен од веќе испробаниот план на едрилицата Рајхер GÖ - 549 со вкупно витоперење од 7”.
Јакобс ја дизајнирал Ваја да биде единствена едрилица во поглед на градба, одржување, расклопување, а со кабина дизајнирана во стилот на авионите ловци. Секако, за поедноставно привикнување на пилотите едриличари за поглед на хоризонт на моторни авиони.
Со оваа едрилица освоени се многу првенства, и направени се многу рекорди во траење на лет и должина на прелет. Нејзината изведба не била надмината с# до крајот на педесетите години. Дури и денес се смета за квалитетна класична едрилица од отворена класа. Па како член на Фејсбук групата “Стари и обновени едрилици за лет”, постојано ја следам.
Едрилицата Ваја е изработена од дрвена конструкција со покривка од памучна ткаенина на делови на крилото (во втората третина) и на контролните површини. Од нападниот раб до раменицата напред има торзиона кутија, а потоа продолжува со ребра од авионски шпер. Притоа раменицата е изработена од Балтички бор, нападниот раб од бреза и покриена е со авио-шпер. Трупот претставува затворена кутија со елипсоиден облик кој преминува во кружен, со ребра и обложен е со авио-шперплоча.
Хоризонталниот и вертикалниот стабилизатор исто така беа изработени со ребра од авио-шперплоча, раменици од квалитетно дрво и обвиткани со платно.
Поранешните верзии, и оние кои ги имавме ние во Македонија, имаа скија на којашто слетуваа. За брзо полетување на едрилицата се монтираше количка што по полетувањето се отфрлаше. Овој начин на градба со скија бара од пилотите големо искуство особено при слетувањето, бидејќи и при најмалото косо слетување се случуваа големи оштетувања на трупот. Токму затоа кај подоцнежните верзии се монтираа тркала какви што се практикуваат и до ден денес. Монтажата на крилата и целата едрилица е крајно едноставна, и токму поради тоа овој систем беше копиран кај многу конструктори во други понови едрилици.
Прототипот на едрилицата Ваја бил произведен во Германскиот истражувачки институт за долги летови (Deutsche Forschungsanstalt fur Segelflug или скратено DFS. По Втората светска војна таа беше произведувана во фабриката Фоке–Вулф во Германија, а се произведуваше и во Франција, Шпанија, Шведска, но и во Југославија во две фабрики, во Словенија и во Србија. Произведени се вкупно околу 400 едрилици.
Од разговорите со пилотите на оваа едрилица добив впечаток дека навистина била совршена за летање, безбедна и управлива, а и најомилена.
Со Ваја било освоено Светското првенство во едрилици во далечната 1948 година и повторно во 1950 година. Се користела за поставување на многу светски врвни резултати, национални рекорди. Така, Дик Џонсон со едрилицата Ваја го освоил првенството во САД во 1959 година.
Инаку голем број македонски пилоти едриличари кои се школувале во воздухопловната школа во Вршац меѓу повеќето разни типови едрилици на кои се стекнувале со нови знаења во едрење од домашно и странско производство се школувале и со Ваја. Многу добри резултати во прелети се постигнати од македонски едриличари на Републичките натпревари кога тие се натпреварувале со едрилици од типот Ваја. За ова и директно можам да посведочам бидејќи бев дел од техничката екипа за поддршка со која секојдневно ги расклопувавме и склопувавме едтилиците поради недостаток од простор во хангарот.
Како резиме за нашиот настап на Државното првенство во Вршац со едрилицата Ваја управувана од Перо Десков од Скопје и Кирил Ангеловски – Татарот можам да заклучам дека максимално се залагавме во секој поглед да ја претставиме Република Македонија и македонското воздухопловство.
Впечатоците беа неповторливи, се дружевме со легендите на југословенското едриличарство, но покажавме и дека имаме сили за понатамошни подобри резултати. Искуствата ги пренесовме на следните генерации.

Едрилица Ваја (Weihe)

Едрилица Ваја (Weihe)

Технички карактеристики на едрилицата Ваја

Технички карактеристики на едрилицата Ваја

Технички податоци и скица на едрилицата

Технички податоци и скица на едрилицата

Пилотот Перо Десков со едрилицата Ваја пред поаѓање на Државното првенство во Вршац

Пилотот Перо Десков со едрилицата Ваја пред поаѓање на Државното првенство во Вршац

Пилотот Перо Десков во задната кабина во улога на наставник

Пилотот Перо Десков во задната кабина во улога на наставник

Старт на Ваја со помош на автовитло

Старт на Ваја со помош на автовитло

Перица Поповски (лево), Марко Марковски (во средина) и Дино од Сараево - помошници на едриличарите

Перица Поповски (лево), Марко Марковски (во средина) и Дино од Сараево - помошници на едриличарите

Знаменце од Државниот натпревар во Вршац со потписи од натпреварувачите

Знаменце од Државниот натпревар во Вршац со потписи од натпреварувачите

Барограф – инструмент за мерење и графички приказ на постигната висина

Барограф – инструмент за мерење и графички приказ на постигната висина

Оригинална Ваја, произведена и реставрирана во Германија.

Оригинална Ваја, произведена и реставрирана во Германија.



Euroimpex

Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

Kabtel

Overnet

Alfaaudio

Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

www.loging.mk

www.fitr.mk

Pretplata

GoEnglishMak

Tehnik Servis

Astronomija

365.com.mk

webparking.com.mk