Голема благодарност за одговорот на моето претходно писмо. Прекрасни одговори, како и секогаш. По опсежно пребарување низ нашиот град, успеав да најдам само еден 15-инчен бас-звучник којшто би можел да ги задоволи подолунаведените потреби. Но, и неговиот 12-инчен брат делува добро, ако не и подобро од 15-инчниот. Изборот е многу мал (15-инчниот е JBL GTO 1514, а 12 е JBL GTO 1214). Намената е, како што напоменав и претходно, да се употребува за квалитетна репродукција на музика, како и при гледање филм. Но, ниските фреквенции се задолжителни. Тоа би било 20Hz на -3dB (Qtc=0,8), или 25Hz во реалност. Би сакал да употребам 35-40 литарска кутија, која би била затворена.
Потоа би сакал да изработам Linkwitz-Transform коло со засилување од 10-15dB со кое би се добила бараната ниска фреквенција и изедначеност на репродукцијата. Тука ми е потребна ваша помош. Како би се вклопил таков склоп пред засилувачот за сабвуфер? Колото е многу едноставно и ви го испраќам во прилог. На интернет има калкулатори за соодветните вредности, па отпорниците и кондензаторите ќе се изберат соодветно. Кој операциски засилувач би го искористиле вие за оваа намена? Дали би вметнале LowPass-филтер пред или по ова коло? Или да се вгради во самото коло?
Според моите пресметки, за звучен сигнал од 30W на сателитите, сабвуферот би користел 500W на 20Hz, што е во рамките на издржливоста на звучникот, а и одот на мембраната е одржан под Xmax=14,5. Тоа би резултирало со 102dB потисок на 20-100Hz. (Секако ќе се стави прекинувач кој ќе го премостува на колото, наменет за "рокање".) Во случајов, 12-инчниот подобро се снаоѓа од 15-инчниот во 33-40 литарска кутија, па затоа и го споменав. Дали е возможно да се склопи сабвуферот, па да се измери точниот Qtc на кутијата и вуферот, па врз основа на точни параметри да се изработи наведеното Linkwitz-Transform коло?
Би ми препорачале ли некој засилувач за оваа потреба, кој би можел да се најде кај нас?
Според мене ова би требало да е евтин начин за добивање сабвуфер со 100dB на 20Hz, според мене. Конкурент со, слични перформанси би требало да биде B&W ASW610XP, по цена од 66 000 денари (кој е измерен на max 90db на 20Hz, односно декларирани -6dB на 18Hz, кои во реалноста се нешто повеќе од 6).
Уште еднаш, огромна благодарност за досегашната помош.
Дејан Маликовски

Linkwitz-transform колото е одлично решение за квалитетен и длабок звук од сабвуфер, а единствен недостаток му е потребата од звучник со многу голем Xmax и голема моќност. Звучникот JBL GTO 1214 во потполност ги задоволува тие предуслови, а исто така и Вашето барање за мал волумен на звучната кутија. Препорачувам најмалку 40 литри волумен, а најдобро би било околу 50 литри – под претпоставка дека се точни декларираните Thiele-Small параметри. Добро би било прво да се измерат тие параметри, но може и отпосле да се измери Qtc-параметарот на готовата звучна кутија, ако инсистирате на однапред одреден волумен за звучната кутија. Донесете го направениот сабвуфер во редакцијата на ЕМИТЕР или во фирмата АУДИО ЕКСПЕРТ на мерење.
Имајте на ум дека 102 dB можеби не се доволни за потполно доживување на звучните ефекти употребени во некои филмови – токму затоа бас-рефлекс или band-pass кутиите се многу популарни решенија за таа намена, по цена на полош квалитет на звукот.
Low-pass филтерот е потребен само ако се користи во рамките на класичен стереосистем, додека во surround систем не е потребен бидејќи процесорот во рисиверот ја врши таа функција. Филтерот треба да дојде пред Linkwitz-transform колото, да биде искористен како дополнителен бафер. Засилувачот на моќност треба да има влезен потенциометар со најмалку 100 komi отпорност. Можам да го препорачам професионалниот засилувач Master Audio MP 1000 со 450 W/4 оми синусна моќност по канал, по цена од 200 евра во АУДИО ЕКСПЕРТ (contact@audioexpert.com.mk)
Владимир Филевски


Здраво Емитер,
Јас сум редовен читател на вашето списание уште од 1995-та година и благодарение на вас научив многу работи, изработив многу уреди и креативно си го пополнував времето. Во овој период актуелно е греењето, па дома со домашните и пријателите дебатиравме за тоа кој тип на греење е најповолен за луѓето, но и за џебот. Дискусијата запна кај тоа која е најоптималната температура и колку се заштедува на трошокот за греење ако температурата се намали за 1-2 степена. Јас се сеќавам на некој податок дека ако греењето го намалиме за 1 степен, ќе имаме заштеда од 10%, што значи дека на 10 кубици дрва ќе заштедиме 1 кубик, односно 3000 денари во сезона.
Дали некој од вашите стручни соработници може да даде поточен одговор со стручно објаснување?
Нека ви е среќна и успешна новата 2014 година.
Поздрав од Миле Најдоски

Благодариме за добрите желби по повод Новата година и од наша страна исто така Ви посакуваме сè најдобро.
Бидејќи баравте "поточен одговор со стручно објаснување", си земам слобода од сите аспекти подетално да го анализирам проблемот, во овој случај со помош на непопуларните, но истовремено и неминовните математички операции.
1. Кога се зборува за оптимална температура во некоја просторија во текот на грејната сезона и за удобноста за престој (во текот на летната сезона критериумите се други), таа зависи од намена на просторијата во станбениот објект, на кој се однесува (претпоставувам) и Вашето прашање. Вообичаено е во дневен престој таа да биде 20-22°C, во спална 16-17°C, во бања 24-26°C итн. Чувството за удобен престој зависи од возраста и индивидуалноста на лицата, како и од нивната активност во просторијата (лежење, седење, умерено движење). Но, во најголема мера, покрај температурата на внатрешниот воздух, чувството за удобна температура зависи и од температурата на внатрешните површини на градежните конструкции што го затвораат грејаниот простор (надворешни ѕидови, покриви, подни конструкции над подрум, еркери, прозорци итн.). Доколку оваа температура е значително пониска од температурата на внатрешниот воздух, тогаш овие површини "зрачат студенило", што всушност е зголемено оддавање топлина од нашето тело кон тие површини. Притоа нашето тело се лади и се добива впечаток дека температурата во просторијата е ниска, и покрај тоа што можеби таа изнесува и 22°C. Ова се случува кај објектите чии надворешни конструкции воопшто не се или се малку топлински изолирани. Топлинската изолација ја покачува температурата на внатрешните површини на конструкциите, и во зависност од нејзината дебелина, оваа температура значително се доближува кон температурата на внатрешниот воздух, односно нивната разлика е незначителна.
2. Неспорен факт е дека со намалување на внатрешната температура се намалуваат и потребите за топлинска енергија, односно се прави финансиска заштеда. Но, несакани последици од оваа мерка се намалениот комфор и, евентуално, здравствени проблеми. Не смееме оваа мерка за заштеда да ја изедначуваме со поимот "енергетска ефикасност", којашто подразбира исто така финансиски заштеди, но без нарушен комфор и опасност по здравјето.
3. Кога веќе сме свесни дека мерката намалување на внатрешната температура ќе резултира со финансиски заштеди (по цена на споменатите негативни последици), да ги проанализираме постапките за одредување на ефектите од ваквата мерка.
Главен фактор при оваа анализа е климатскиот. Бидејќи не ми е позната локацијата на која се наоѓа објектот на читателот Најдоски, ќе претпоставиме дека тоа е Скопје. Според податоците од Управата за хидрометеоролошки работи на РМ, грејната сезона за Скопје изнесува 176 дена (почеток на 19 октомври, крај на 13 април), со средна надворешна температура во овој период 5,1°C. Во математичките процедури се вклучува поимот "степен ден" (DD - Degree Day), чија вредност зависи од усвоената внатрешна температура, а се пресметува како DD = (Θi - Θ e средно x n. Ако ја усвоиме вообичаената внатрешна температура 20°C, тогаш степен-ден за Скопје е (20,0° - 5,1) x 176 = 2622. Ако внатрешната температура ја намалиме на 19°C, тогаш степен-ден е (19,0° - 5,1) x 176 = 2446.
Во натамошна анализа треба да се вклучат и карактеристиките на самиот објект (неговата геометрија, нето греаната подна површина, изолациските карактеристики на сите градежни конструкции – коефициенти U, среден коефициент H’T, вкупни специфични топлински загуби Htr, број на часови за греење во деноноќие h итн.). Бидејќи и овие податоци не се познати, ќе претпоставиме дека куќата е приземна, со димензии 10 x 10 m и височина 3 m. Вкупната површина на конструкциите низ кои се губи топлина (ѕидови со прозорци 120 m2, покрив 100 m2 и под 100 m2) позната како обвивка на зградата, во случајот изнесува Ae = 320 m2, а грејаната подна површина A = 100 m2. Претпоставка е дека се работи за добро изолирана куќа со вредност на средниот коефициентот H’T = 0,50 W/m2•K, при што се добива Htr = 0,50 x 320 = 160 W/K. Вообичаено, кај станбените згради греењето е вклучено 16 часа во едно деноноќие.
Во текот на грејната сезона, за внатрешна температура од 20°C, куќата од примерот ќе има потреба од топлинска енергија (Q):
Q = (H’T x Ae x DD x h ) /A = 67,1 kWh/m2a.
Ако внатрешната температура се намали на 19°C, годишната потреба од топлинска енергија по 1 m2 подна површина изнесува 62,6 kWh/m2a, што е за 7% помалку од случајот со внатрешната температура 20°C. Со намалување на внатрешната температура на 18°C, степен-ден изнесува 2270, а заштедите на топлинска енергија се 15,5%.
Пресметаните киловат-часови топлинска енергија во никој случај не се однесуваат на електрична енергија (чија примена за греење е најмалку препорачлива), туку на кој било извор на енергија, а изразувањето на оваа енергија во денари зависи од актуелната цена на разните енергенси.
Оваа теоретска пресметка, направена како одговор на прашањето на читателот Најдоски никој случај не треба да биде препорака како да се постапува при намалување на енергетските загуби. Принципите на енергетската ефикасност даваат голем потенцијал за решавање на проблемот, пред с# со примена на добра изолација, за што многупати пишувавме во ЕМИТЕР.
Петар Николовски


Почитувани,
Ме интересира дали ќе биде доволна една диода за наизменичен напон од 12 и 24 волти да го претвори во прав напон за на него да поврзам ЛЕД-индикација или, сепак, ќе мора да ставам грец?
Томе Каев

Бидејќи не е наведено за каква LED-индикација станува збор, ќе се обидам да одговорам поопширно. Вообичаено светлечките диоди се напојуваат со струја од 1 до 20 mA, во зависност од типот на светлечката диода. Падот на напонот на светлечката диода Uf зависи од типот на диодата, односно каква боја на светлина емитира таа: инфрацрвена - 1,63V; црвена - 1,63 – 2,03V; портокалова - 2,03 - 2,10V; жолта - 2,10 – 2,18V; зелена - 1,9 – 4,0V; сина - 2,48 – 3,7V и бела - 3,5V.
Доколку не се ограничи струјата низ светлечката диода, и таа се приклучи директно на напојување, дидата ќе изгори. За ограничување на струјата низ светлечката диода, сериски со неа се врзува отпорник чија вредност се пресметува по формулата
R [Ω] = (U – Uf) / Id;
каде што U е напонот на напојување, Uf е падот на напонот на употребената диода и Id е струјата што треба да тече низ светлечката диода. Потребната моќност на отпорникот се определува по формулата P [W] = R•Id2.
На пример, ако сакаме да поврземе црвена светлечка диода којашто се напојува со 10mA на 12V, тогаш вредноста на серискиот отпорник се пресметува R = (12 - 1,8) / 0,01, односно R=1020Ω. Секогаш ја избираме стандардната вредност најблиску до пресметаната, во случајов 1000Ω и P = 1000 • 0,012 = 0,1W. Секогаш избираме отпорник со моќност поголема од пресметаната.
Светлечката диода може да се поврзе на наизменичен напон преку една насочувачка диода или преку Грецов насочувач. Разликата е во тоа што доколку не се употреби филтерски кондензатор, насочувањето на струјата со една насочувачка диода ќе даде еднонасочен пулсирачки напон, односно во една секунда свелтечката диода 50 пати ќе светне и ќе се исклучи, а со грецов насочувач треперењето ќе биде 100 пати во секунда. Човечкото око не може да го забележи ова брзо треперење, и изгледа како светлечката диода да свети постојано, но со послаб интензитет отколку кога е приклучена на еднонасочен напон.
Напомена: Бидејќи за наизменичниот напон секогаш се дава ефективната вредност, по насочувањето со една диода ќе се добие еднонасочен напон Udc=Uac•0,45; а со грецов спој Udc=Uac•0,9. Овие вредности важат ако по насочувачот нема филтерски кондензатор, а ако по насочувачот се постави филтерски кондензатор тогаш еднонасочниот напон изнесува приближно Udc=Uac•1,33.
На пазарот можат да се најдат самолепливи ленти со светлечки диоди наменети за декоративно осветлување. Во овие ленти веќе се вградени потребните сериски отпорници за ограничување на струјата, и лентите можат директно да се приклучат на еднонасочен напон соодветен на нивната спецификација (најчесто 12 или 24 волти).
Денис Галовски