Почитуван Емитер,
Не се работи за тоа дали HHO генераторите се вистина или лага. Тоа е голема тема. Се работи за тоа – на основа на што Вие како списание дојдовте до заклучок дека е лага, ако во истиот напис барате некој што го има инсталирано да го отстапи возилото за вие да го тестирате?! Па, вие ако сте фирма, купете еден HHO генератор, ги има милион на ebay, или направете еден од инокс, веројатно познавате некој што може да ви добави, направете пулсен модулатор, електроника и испробајте го. Па играјте си малку со електролитите, тестирајте ќелии, квалитет на челик. Ако знаете воопшто за што зборувам?
Дали некој ќе ви верува или не, тоа зависи од многу нешта, а највеќе од компетентноста што сте ја стекнале во вашето досегашно искуство. Но се порекнувате самите себеси кога нешто тврдите, а немате доказ, ниту за едното ниту за другото. Како можете да тврдите дека апсолутно нема заштеда, кога јас и многу луѓе сме се увериле дека има, и тоа по милион тестови. Па уште да ви го отстапиме возилото. Ма немој? Па фирма ли сте, што ли сте? Знаете ли дека во Македонија има преку 50 ентузијасти кои работат на HHO генератори, обидувајќи се самите да постигнат нешто што сите го посакуваме: заштеда на горивото, кое сите нè мачи.
Знаете ли дека го убивате и оној мал ентузијазам што останува во Македонија на иновативно поле. Пуштете ги луѓето да експериментираат, да се надеваат, па во тоа е суштината и на науката: да се најдат начини, па макар биле и промашување, од каде знаете дека некој нема да дојде до идеално решение? Го тврдите тоа? Со кое искуство во HHO генераторите, ве молам, а не сте виделе во животот исти таков? ВИЕ тврдите дека нешто е штетно, а немате 100-200 евра да го направите сами?? Има многу лоши изработки на HHO генератори во светот, тоа е точно, но да тврдите дека е лага е премногу храбро. Вие, како списание за популаризација на науката, мислите дека излегувате ПРОФЕСИОНАЛНИ што сега ја откривте Америка и сте чесни кон читателите што им кажувате да не даваат пари и да не губат време на HHO генератори или кои било други fuel saver-и? Па, бидете мажи, купете од сите 5-6 fuel saver системи што постојат во светот и тестирајте ги и просветлете нè со знаење. Само, тоа не можете да го направите затоа што немаме ни институција во државава што тоа може да го измери. Но, затоа ВИЕ тврдите… Многу јако.
Па како тоа ВИЕ ја популаризирате науката?? Наместо да направите тестирања самите, па да ни ги покажете тестовите, какви и да се тие, вие ја правите најголемата грешка што некој може да ја направи: тврдите дека ЗНАЕТЕ! А самите знаете дека човек е правилен сè додека учи, се развива, сè додека кажува дека не знае доволно, дека има уште многу да учи. Професори од факултети и доктори не тврдат дека знаат сè, а вие знаете дека е лага. Браво. Ако вака тврдите и за други нешта, читателите ќе спознаат, а да не кажам дека излегувате смешни, особено за оние читатели кои што имаат вградено, а и за оние што повеќе од вас разбираат што е HHO генератор.
Благодарам и поздрав од HHO корисник кој има заштеда од 25%, а вие возете и понатаму и затупете ги лугето уште повеќе. Наместо да кажете дека е тоа концепт кој треба да се испитува, да извадите тестирања, очекувања, модификации од светски медиуми, вие брже-боље, го оштетувало моторот...Таа ви е добра. Затоа Toyota Clarity вози 100% на водород. Ако сте чуле воопшто. Сега добивам впечаток дека е непотребно да се елаборира со вас на оваа тема, и човек дури да се замисли дали да стапи во контакт со вас, веднаш ми паѓа темница на очи: што можам вас да ве убедам кога сè знаете?
Всушност, почитувани мои, гледам дека јас од ова пишување фајде немам, но ми се прави ќеиф некој од вас, надежни т.н. новинари за наука, да го прочита текстот, па макар ако 1% влијае на него да внимава другпат што пишува, супер, ако не, полошо за вас! Ова ми кажува уште нешто. Дека вие всушност и не сте направиле НОВИНАРСТВО на оваа тема. Нема шанси да сте разговарале барем со тројца што имаат инсталирано, и да пренесете искуства, бидејќи не би го тврделе ова. Значи вие сте препишувале ДЕКА ЗНАЕТЕ?...цццццц ...Уште полошо!
Не е битно, преку е-маил

Повторно уште едно долго писмо преполно со омаловажувања и навреди, а без ниту еден контрааргумент на нашите тези (премногу слично на писмото од "Тото" од предминатиот број на ЕМИТЕР). Уште и "потпишано" со Не е битно (кој)!? Верувајте, воопшто не ни е битно кој испратил писмо, но навистина непријатно ни е во нашиот одговор да му се обраќаме на читателот со "почитуван г. Не е битно,..." Некако смешно изгледа, нели? Но, ние тука ништо не можеме кога самиот тој си избрал така. Нејсе...
Почитуван господине Не е битно, не е битно тоа што погрешно сте чуле дека Тојота го произведува автомобилот на водороден погон Clarity (го произведува Хонда!), туку е битно тоа што не правите разлика меѓу автомобил на водороден погон и автомобил на бензиски погон со HHO генератор. А таа разлика е огромна! Автомобил на водороден погон (како што е Honda Clarity) навистина 100% вози на водород, но тој водород доаѓа од резервоар со компримиран водород кој е монтиран во самото возило. А како дошол тој водород во тој резервоар? Тој водород е произведен на друго место (а не во автомобилот!), па автомобилот мора да дојде до некоја "водородна пумпна станица" (аналогна на бензиската пумпна станица) за да го наполни својот резервоар со тој водород. Да напоменам и тоа дека автомобил на водороден погон (како Honda Clarity) има посебно конструиран мотор, приспособен токму на тој вид гориво и значително се разликува од "обичните" бензиски и дизелски мотори. Уште еднаш: кај автомобилите на водороден погон, водородот не се произведува во самиот автомобил! Зошто не се произведува во самиот автомобил? Затоа што тој водород треба да биде што поевтин, а тоа е можно само ако постапката на производство на водород се врши надвор од автомобилот, во стационарна постројка – ефикасноста на процесот на производство на водород така е многу, многу повисока.
Од друга страна, во автомобилот на бензински погон со HHO генератор, водородот се произведува директно во самиот автомобил – но многу неефикасно: преку бензиски мотор, па преку алтернатор, па преку HHO генератор. Ефикасноста на тој процес веќе ја пресметавме – таа изнесува помалку од 14%, што е катастрофално лошо! Истиов автомобил ако троши 6 литри бензин на 100 km, со вграден HHO генератор ќе троши повеќе од 6,13 литри! И тоа при претпоставена ефикасност на хидролиза во HHO генераторот од невозможни 100%!
Почитуван г. Не е битно, битно е што во Македонија постои институција со највисока можна стручност, способна да измери колку се зголемува потрошувачката на бензин кога ќе се вгради HHO генератор во автомобилот – тоа е Машинскиот факултет во Скопје. Само треба некој да го однесе таму на испитување својот автомобил со вграден HHO генератор и самиот да се увери со своите очи. Не ни паѓа на памет залудно да трошиме пари на правење или купување HHO генератор и негово тестирање, бидејќи прво – знаеме дека не штеди гориво и второ – дека господата како Тото, Не е битно и Даре веднаш ќе нè обвинат дека намерно не сме го направиле добро HHO генераторот или дека сме ги местеле резултатите. Токму затоа баравме од "најусвитените глави" да ни донесат свој автомобил со HHO генератор, па самите да се уверат во резултатите од тестот. Поканата сè уште важи!
Почитуван г. Не е битно, многу е битно да сфатите дека тие "50 ентузијасти во Македонија што работат на HHO генератор" не можат да ги соборат законите на физиката и хемијата. Тие закони милијарда пати се докажани во практиката, тие закони се практика преточена во теорија! Кутрите тие 50 "ентузијасти" по ништо не се разликуваат од другите 50 "ентузијасти" во Македонија кои работат на пронаоѓање на перпетуум мобиле.
Почитуван г. Не е битно, многу е битно да сфатите дека ефикасноста на бензискиот мотор, ефикасноста на хидролизата, енергетската вредност на бензинот и водородот, брзината на горење и уште многу други работи од физиката и хемијата не се само гола теорија, туку дека милијарда пати се докажани во практиката со тестирања. Неуките "ентузијасти" со никакви напори, колку и да се големи тие, нема да го променат тоа!
Почитуван г. Не е битно, многу е битно да сфатите дека ЕМИТЕР со секој свој напис ја популаризира науката и ги поттикнува вистинските ентузијасти-иноватори, нудејќи им огромно количество на потврдени научни сознанија и практични совети – како преку теоретско/информативните статии така и преку нашите проекти за самоградба. Ние не им даваме на ентузијастите лажна надеж дека нешто е возможно да функционира (на пример перпетуум мобиле или HHO генератор), кога тоа според сите научни сознанија (и теоретски, и практични) е невозможно. Токму со тоа што ние ќе ги разобличиме таквите заблуди (и лаги) им даваме вистински поттик на иноваторите – наместо времето и парите залудно да ги трошат на такви глупости, да ги насочат во вистинска креативна насока и да направат нешто корисно.
Почитуван г. Не е битно, многу е битно да сфатите дека науката не почнува од нас ниту, пак, од кој било иноватор или ентузијаст, па да мора сите веќе откриени работи одново да ги откриваме и практично да ги тестираме. Треба да се користат постоечките знаења и со нивна помош да се оди напред, а не да се губи време на нешто што милион пати претходно е теоретски и практично докажано. Пренесувањето на знаењата не е препишување, како што мислите Вие. ЕМИТЕР знае, постојано се усовршува, истражува, проектира, изработува прототипови и тие сознанија несебично ги споделува со своите читатели. Но од Вас и другите "HHO ентузијасти" до сега не добивме ниту едно аргументирано сознание во прилог на HHO генераторите.
Владимир Филевски,
Томе Скендеровски и Слободан Таневски


Тото зошо се замараш и нервираш со емитер едноставно тужиги и ќе се докажи однеси возило со монтиран HHO во машински факултет и тие ќе докажат дали заштедува или не нема потреба нив да му носиш твое возило ако сакаат емитер да докажат дека возилото не заштедува нека си наместат во своето возило нека видат па после нека пишуваат тие се базираат на некои интернет страни во кои секој може да кажува шо сака и шо сакаат да направат водороден генератор со едно гледање на youtube па водородните генератори ги прават без неутрали или клаваат сол за електролит јас имам наместено во моето возило и зашедив 35% ама немам намера да го носам во емитер на тестирање кој шо сака да мести нека мести кој шо нејќи нека не мести нивно право јас не знам ни хемиски равенки ни по кој принцип работи само знам дека не троши колку со трошеше и прима подобро него претходно а до тото тужиги знајш дека ќе добијаш нема шо да изгубиш па после нека кажуваат колку сакаат и до емитер истакнетего текстов немој да го прикривате и поздраветеги нафтените компании кои ви имаат платено за да го објавите текстот позз
Даре, преку е-маил

Писмото од Даре го пренесуваме онакво какво што го добивме.
Одамна не сме виделе ваква неписменост: ниту една запирка, ниту една точка, ниту една голема буква на почеток од реченица – не се знае која реченица каде завршува, ниту каде почнува нова! Навистина е тешко од вакво писмо да се разбере "што сака да каже писателот". Но, некако успеавме да дешифрираме дека во последниот дел од писмото се обраќа и до ЕМИТЕР – да не го прикриваме неговото писмо. Е па еве – не го прикриваме, го отпечативме!
Владимир Филевски
(неплатен од нафтените компании – за жал!)

Доколку HHO генераторот заштедуваше гориво, одамна овластените институции задолжени за издавање официјални сертификати тоа ќе го потврдеа со сертификат. Впрочем, секој што сака да прави бизнис со некоја иновација, прво што треба да направи е да обезбеди официјален сертификат како потврда на придобивките кои ќе ги донесе неговиот уред. И тоа е основниот документ со кој се потврдува дека потрошувачите нема да бидат измамени, т.е. може уредот слободно да се рекламира и да се прави регуларна маркетинг-кампања. Зошто, во ниту една држава во светот, не е издаден ваков сертификат покажавме во написите посветени на оваа тема.
Томе Скендеровски


Почитувани,
Имам прашање за вашиот соработник Денис Галовски. Во одговорите на писмата до редакцијата, во бројот 1/12 имате спомнато дека може WoL да се изведе со рутерот linksys WRT54GL на ddwrt. Јас имам WRT54GS со ddwrt firmware и ме интересира дали може да се искористи мојот рутер за далечинско вклучување на компјутер?
Мики (mijal_jane@....)

Теоретски да..., иако никогаш немам работено со тој модел и неможам да кажам дали одредени функции работат или не, но можете да се обидете. Процедурата е следнава:
1. Во БИОС нагодувањата на Вашата плоча треба да овозможите WOL.
2. Доколку имате уште еден компјутер во локалната мрежа, да проверите дали WOL функционира локално.
3. На компјутерот од кој ќе се врши будење треба да има софтвер кој ќе испрати магични пакети до исклучениот компјутер (постојат многу бесплатни програми за таа намена, WOL freeware на google).
4. Треба да ја знаете MAC адресата од мрежната картичка од комјутерот што ќе треба да го будите. Во командниот промпт се задава команда ipconfic/all, при што ќе излезе листа со сетирања од мрежната карта. MAC адресата е дадена како Physical Address во формат XX-XX-XX-XX-XX-XX, а во програмите за будење оваа адреса се внесува како XX:XX:XX:XX:XX:XX или споено без црти или две точки).
5. Откако ќе проработи будењето во локалната мрежа треба да се сетира рутерот.
6. Наместо динамичка IP адреса треба да се избере статичка IP адреса.
7. Во менијата на рутерот треба да се види дали постои опција да се овозможи WOL.
8. Бидејќи интернет-провајдерите во Македонија доделуваат динамичка IP адреса, потребно е да се регистрирате на noip.org за кога било и каде било да ја имате информацијата за моменталната IP адреса на Вашиот рутер (односно компјутер).
9. Од кој било компјутер поврзан на интернет ја стартувате програмата за испраќање магични пакети, ја внесувате IP адресата на Вашиот рутер и MAC адресата на мрежната картичка од Вашиот комјутер.
Доколку сè е како што треба, компјутерот треба да се подигне.
Подетаљно http://www.dd-wrt.com/wiki/index.php/WOL.
Денис Галовски