Почитувани,
ме интересира како да направам полнач за 16NiMH батерии од 1,2V/400mAh. Имено сакам да спојам 16 вакви батерии за да добијам 19,2 V за напојување на еден уред. Кога ќе се наполнат батериите полначот да сигнализира со зелена лед диода дека се полни, а додека се полнат да свети црвена, или кога ќе се наполнат да се прекине полнењето со што и ќе престане да свети лед диодата.
Однапред ви благодарам
Дејан (deki21.excite)

Полнењето на NiMh батерии не е толку едноставно...постојат три начини за полнење на овој тип батерии...
1. Полнење со 1/10 струја од капацитетот на батеријата и исклучување со помош на тајмер по 14 часа
2. Полнење со струја која е еднаква на капацитетот на батеријата или поголема, и исклучување со детекција на ΔU, односно при крај на полнењето наместо да се зголемува, напонот на батеријата благо опаѓа, но овој тип полначи бара сложена електроника и многу е тешко да се улови овој пад на напон бидејќи изнесува неколку миливолти.
3. Полнење со струја која е еднаква или поголема од капацитетот на батеријата и детекција на температурата на батериите (кога батеријата ќе се наполни вишокот струја што се внесува во батеријата се претвора во топлина преку хемиска реакција па доколку навремено не се прекине полнењето, може да дојде до уништување на батериите).
Интелигентните полначи ги користат сите три методи комбинирано, а оние најобичните го користат првиот метод или воопшто немаат коло за исклучување..., така што доколку ги заборавите батериите подолго време во полначот, може да дојде до нивно уништување.
Во Емитер 2/2009, колегата Петар Аврамовски има објавено проект за полнач за NiCD и NiMH батерии кој го користи третиот метод, односно детекција на температурата на батериите. Сметам дека ова решение е најповолно за Вашето барање, со тоа што треба да се променат параметрите на полначот и да се додаде соодветна индикација.
Денис Галовски

Вие сакате да реализирате автоматизиран полнач на батерија NiMH акумулатори составена од 16 елементи. Притоа, полначот треба да има индикација дали истиот "си ја врши работата" или веќе го сторил тоа. Такви проекти имало во Емитер во повеќе наврати. Разликата била во тоа што тие проекти не биле наменети за едновремено полнење на 16 елементи, туку на вообичаени 3, 5 или 7 елементи, односно за номинални напони од 3,6, 6 и 8,4 волти, респективно.
Со "мала" стручна поддршка од пријател, вакви реализации можат релативно лесно да се приспособат за вашата намена. Притоа, треба да се води сметка за потребниот напон за полнење на вашата батерија од 16 елементи, како и за потребата од струја за полнење на вашите акумулатори. Имено, во состојба на "нормално" 12-часовно полнење, на овој модел акумулатори му се потребни 400 mA (C/10 – десетина од капацитетот) или "брзо" полнење со струја од цели 1A во времетраење од 5 часа (U/4).
Инаку, апсолутно не е препорачливо да се составуваат батерии (акумулатори) со толку голем број на елементи (конкретно – 16) врзани редно. Тоа се должи на еден факт – доволно е само една од сите тие 16 акумулатори да се "пробие", па целата конфигурација да стане неупотреблива, а како што знаеме од практика, тоа е многу чест случај со NiCd и NiMH акумулаторите. Затоа, ако имате потреба од толку висок напон (19,2V), и ако веќе не сте ги купиле овие акумулатори, би ви советувал да набавите акумулатори со повисок напон по ќелија како оловни (2V по ќелија) или Li-Ion (номинално 3,6V по ќелија), на пример. Само така ќе го намалите бројот на ќелиите во батеријата за да го добиете потребниот напон.
Емилијан Иљоски


Ви благодарам за сугестиите и предлозите кои ми ги дадовте како одговор на претходното писмо. Бидејќи се работи за осетлив уред и многу скап, а вие препорачувате да не користам толку многу ќелии (батерии) тогаш би сакал да употребам акумулаторска батерија 12V/7-9Ah и со некој подигнувач на напон да добијам 19V. Ова е само мое размислување, но ако имате некој друг предлог слободно сугерирајте ми, а ако мојот предлог е добар тогаш како да го направам конверторот од 12V на 19V.
Со почит,
Дејан (deki21.excite)

За мојата сугестија околу изборот на соодветна акумулаторска батерија и соодветна придржна електроника да биде конзистентна, потребно е да знам за која намена ќе се користи предложеното решение. Односно кој и каков уред имате намера да напојувате со овие акумулатори.
Познавањето само на напонот и на потребната моќност (односно потребната електрична струја) не е доволно да се опишат во потполност потребите во поглед на ел. енергија на некој уред. Исто така, добро би било да се знае какво батериско напојување предвидел производителот на уредот и каква е неговата динамика на употреба во предвидениот експлоатационен век.
На крај, треба да се знае (или анализира) зошто производителот избрал токму 19V, а не некој друг напон за напојување на уредот. Одговор на сите овие прашања е содржан во само неколку збора: името на производителот и моделот на уредот кој сакаме да го напојуваме со акумулаторски батерии.
Емилијан Иљоски

Батеријата ми треба како екстерно напојување, или дополнување на постоечката батерија односно, екстерната батерија ќе се користи на влезниот адаптерски приклучок, кој изнесува 19V, а оригиналната батерија од уредот е 14,4V. Таа е слична како батеријата на лаптопот и е сместена во коцкасто лежиште со капаче, а уредот е преносен 3G линк на кој се врзува камера за директен пренос. Затоа ми треба надворешна акумулаторска батерија со умножувач на напон од 19V колку што е адаптерот, а не дека производителот се решил за батерија од 19V.
Мислам дека сега се разбираме за што станува збор.
Дејан (deki21.excite)

Значи батерија која треба да полни друга батерија! Има ли тоа некоја логика? Да имаше, зад такво решение би стоеле илјадници инженери-проектанти кои би реализирале таков или сличен уред, па таква батерија би се нашла на пазарот! Зошто не ја упростите работата па да си земете резервна (и оригинална) батерија од 14,4V за 3G линкот? Бидејќи се работи за професионален уред, не смее да има шега!
Но, во broadcasting-от за да имате некое поконзистентно и поцеловито решение на вашиот проблем со електрична енергија - не зе зема струја во кофа, како што замислувате, туку се зема еден многу распространет уред кој често пати е потребен на терен - агрегат за 230Vac. На пазарот има широк асортиман на такви мали агрегати со моќност од 250W до 5kW кои работат на нафта или бензин, и таквите уреди се релтивно евтини!
Емилијан Иљоски


Почитуван Емитер,
Од неодамна се заинтересирав за микроконтролери. Знам дека вие имате допирни точки со микроконтолери, па затоа Ви пишувам токму вам. Сакам да се запознаам со микроконтролерите подетаљно, да научам како да ги користам и сакам да знам што да направам за да почнат да работат во некоја моја апликација. Затоа, симнав од интернет книги па почнав да ги читам и да учам. Но, за кратко време се најдов опкружен со многу материјал и информации за кои потсвесно чувствував дека не ме водат во вистинската насока.
Затоа купив книга од Микроелектроника од Логинг Електроникс, напишана од Милан Верле на српски јазик, за која насетив дека ме води во многу подобра насока. Книгата се вика "PIC Микроконтролери" Но, сè уште не сум сигурен во која насока треба да се движам за да го откријам светот на микроконтролерите. Не знам на што да обрнам внимание, од каде да почнам, што е важно за еден почетник како мене во врска со микроконтролерите. Затоа ќе Ве замолам ако можете да ми дадете насоки од каде да почнам и на што да посветам внимание. Дали би можеле да ми посочите некои книги од кои треба да почнам да учам, да најдам некои предавања за микроконтролери од ФЕИТ (ЕТФ) или, пак, нешто сосема трето. Имам основни познавања за што сто е stack меморија, како се изведува interrupt, што е скок во програма, што е програмски бројач, што е регистер, логичка порта, булова алгебра, како работи транзистор, МОСФЕТ во разни режими и за некои други микроконтролерски ориентирани теми. Во програмирање сум добар. Само, не знам што понатаму, на кои делови од светот на микроконтролерите да им посветам внимание за да почувствувам дека можам да направам нешто со микроконтролер. Ве замолувам за мали насоки, подготвен сум и да земам предавања од ФЕИТ и да почнам да учам.
Инаку, јас сум дипломиран електроинженер на ФЕИТ, со положени три предмети од областа на електрониката. Дипломирав пред неколку месеци. На ФЕИТ имам положено два предмета од областа на програмирање - Структурирано програмирање и Објектно ориентирано програмирање. Многу решени задачи од областа на теорија на електричните кола, преодни процеси, мерења, управување на електромотори, бранови појави итн.. Сега сум во процес на запишување на постдипломски студии во странство. Ја имам вашата брошура "Микроконтролери 1", како и секој број на Емитер од последниве 10 години. Брошурата ја имам прочитано, но знам дека со неа само ја гребнав површината на оваа област. Се надевам дека ќе ми дадете некои насоки како да почнам.
Ви благодарам за времето.
Топли поздрави,
Зоран Јанкулоски

Бидејќи можам да кажам дека и јас сум почетник во светот на микроконтролерите, за почеток и јас почнав со брошурата од Емитер. Потоа почнаа да се надоврзуваат многу туторијали од интернет, многу книги за PIC, datasheet-ови од PIC16F84A, PIC16F877, PIC18F4550, и така по ред. Исто така, од голема помош се најдоа и книгите од Микроелектроника.
Сепак, само читањето теорија и чкртањето по хартија е, всушност, она што Ве става во мисла колку не знаете за проблематикава. Така, по некое време, сфаќате дека сте поминале многу, многу часови во читање и размислување, а сè уште ја немате вистинската слика во глава. Затоа, вистинската работа е практичната работа!
За оваа цел јас, пред 3-4 години кога почнав со ова, направив мал програматор за PIC по принципот на Дејвид Тејт (од брошурата Микроконтролери 1), нормално, симнав од интернет мал милион софтвери за програмирање, компајлери, дисасемблери, симулатори и што уште не. Потоа, сите мали идеи кои ги имав се обидував да ги остварам, и чувството кога ќе светне првата ЛЕД диода директно од пинот на микроконтролерот е незаборавно :-).
Бидејќи имате одлично теоретско предзнаење од ФЕИТ, препорачувам само практични вежби. Најпогодната работа би била еден развоен систем од Микроелектроника, доколку финансиите не се проблем, а во спротивно и некоја мала импровизирана тест-околина + некој програматор за PIC (пример USB програматорот објавен во Емитер 10/2011) ќе завршат работа. Со развојните системи од Микроелектроника во комплет доаѓа и софтвер за програмирање и многу примери кои се идеални за старт. Сите овие материјали се достапни и на нивната веб-страница, бесплатно. Понудени се компајлери во C, Basic и Pascal програмски јазици, а со бесплатната лиценца можете да пишувате програми кои не смеат да поминат 2K програмски код. Ова е сосема доволно за почетнички апликации, па дури и за малку посложени – битна е само идејата. Нормално, овие компајлери можете да ги користите независно од тоа со каков програматор работите.
Значи да резимираме, само работа и вежба – почетокот е тежок, а потоа нема да Ви се станува од работното столче :-).
Поздрав, и Ви пожелувам големи успеси,
Перица Јакимов

Јас ќе ви посочам неколку извори:
- ЕМИТЕР, потрудете се добро да ги разберете сите проекти со микроконтролери, а некои и да ги изработите.
- Огромна библиотека на решенија за најразлични проблеми: http: //www.microchip.com/wwwcategory/TaxonomySearch.aspx?show=Application% 20Notes&ShowField=no
http://www.cprogramming.com/
Поздрав,
Благој Ќупев


Прашање:
Здраво,
Со оглед на репертоарот кој го покрива Емитер имам едно прашање околу кое можеби ќе можете да ми дадете некаква информација. Дали некаде на пазарот во Македонија можат да се најдат Neodymium-ски магнети? Во линков може да видите поконкретно на што мислам: http://www.amazon.com/Neodymium-Magnets-inch-Block-N48/dp/B001KVH8Y4.
Благодарам однапред,
Димитар Вељановски

1. Колку што ми е мене познато во Македонија не можат да се најдат неодимиумски магнети.
2. За неодимиумските магнети можете повеќе да се информирате и да дознаете на http://www.artas.hr/magneti/neodimijski.htm Сигурно има можност и за продажба на овие магнети за надвор од Хрватска, т.е. во Македонија, за што ќе треба да контактирате со фирмата и да се договорите за таа можност.
3. Неодимиумските магнети се со готова форма и димензии кој можат да се најдат во каталогот кој се наоѓа на овој сајт и потребно е вашиот проект да го прилагодите во однос на магнетите на овие димензии како би поминале најевтино. Секако, постои и можност да се изработат магнетите по димензии на Ваше барање што секако ги поскапува истите. Сепак, сите потребни информации ќе ги најдете на веќе посочената веб-страница.
Томе Скендеровски

Во последнава година цената на неодимиумот драстично порасна за неколку пати, така што препорачувам обични феритни магнети. Димензиите на неодимиумскиот магнет се многу помали од феритните за иста јачина на магнетното поле, но ако димензијата на магнетот не е проблем за конкретната апликација, многу поевтино решение е феритен магнет.
Владимир Филевски

Не верувам дека во малопродажба во Македонија можете да најдете токму онакви блокчиња од неодимиумски магнети какви што посочивте во вашиот линк. Сепак, разни врсти неодимиумски магнети се во широка употреба и истите можете да ги најдете во мноштво производи околу вас, како звучници, микрофони или мотори.
Се зависи од намената за која сакате да ги употребите, и се разбира од густината на магнетниот флукс која сакате да постигнете. Сепак најважно ни е да знеме за колку Тесли се работи! Но, бидејќи на трговецот кој го огласил својот производ на Amazon тоа не му е важно, а вие токму тој производ го избравте, значи и вам тоа не ви е важно. Штотуку повеќе, посочените магнети се изработени од многу популарниот материјал N48, па такви магнетчиња можете да најдете во многу уреди за широка потрошувачка. Во тој контекст морам да Ви посочам дека предложената цена во Amazon е во најмала рака 10 пати поголема од вистинската големопродажна цена за истиот производ!
Прво место што ми паѓа напамет каде би можеле да најдете блокчиња од неодимиумски магнети со токму овие димензии, се степ – моторите на многу модели на нешто постарите генерации 5,25 инчни флопи дискови (1985-1995). Кај поновите 3,5 инчни флопи, кај хард дисковите или кај видеорикордерите, исто така можат да се најдат неодимиумски магнети во блокчиња, но со помал (или различен) габарит.
Емилијан Иљоски


Почитувани,
Имам проблем со проектот "Ловец на богатство" од ЕМИТЕР 2/08. Станува збор за проблем со зујалката која цело време зуе и при наидување на метал непрекинато зуе-свири. Ве молам за совет и инструкции.
Гоце Добревски, Скопје

За далечинска дефектажа, макар и површна, потребни се повеќе од една сувопарна информација во стилот: "зујалката непрекинато свири". Електрониката на ловецот на богатство е едноставна и нејзината исправност лесно се проверува. Проблематичниот дел на овој, како и на секој самостојно изработен детектор на метал, се намотките во главата за пребарување. Поради тоа, претпоставувам дека и Вашиот детектор има проблеми со овие намотки. Најверојатно, не се добро позиционирани, но можно е дека не се изработени или не се поврзани како што треба. Жал ми е што не можам попрецизно да Ви сугерирам каде да го барате проблемот.
Обидете се со следното: Поврзете ја само намотката на приемникот со плочката со печатено коло и вклучете го напојувањето. Зујалката треба да остане тивка. Ако свири, проблемот е во електрониката. Најдете го и отстранете го. Во спротивно, поврзете ја и намотката на предавателот и внимателно спроведете ја постапката за нагодување. Ако детекторот никако не може да се нагоди, дефинитивно нешто не е во ред со намотките.
Георги Ефтимов