Здраво,
Ме интересира каде можам да најдам ЦЕЛОСЕН проект за авион со кој би можел да летам, не од оние детски мини авиони:)), значи од кои материјали, каков мотор...
Однапред благодарам,
Виктор

За да се изгради сопствен авион најдобро е да се купи кит комплет од авионот Савана. Го изработи д-р Дејан Трајковски во просториите на работилницата Барни. За овој настан и за полетувањето на Савана своевремено објавив текст во Емитер.
Со овој авион сум летал и јас (со инструктор), обучени се повеќе лица, направени се многу показни летови. Лесен е за регистрација како експериментален авион. Во соседна Грција го склопуваат, а може да се набави од Италија како што го направија тоа сопствениците д-р Дејан Трајковски и Михајло Атанасов. Мора да се води сметка дека номинален мотор е 60 КС. Со 50 КС добар е за товар до 170 kg, односно за едносед.
Поздрав,
Перица Поповски

Можно е да се направи авион во самоградба, но сè зависи што сакате, колку можете, колку знаете и колку имате. Бидете поконкретни, па ќе се обидам да ви помогнам.
Поздрав,
Георги Петковски – Гоце

Како воздухопловец прво ве упатувам да контактирате со Аероклубот Скопје (или некој друг аероклуб), а исто така и со г. Дејан Трајковски од Битола, член на Аероклубот Мирко Тодоровски, инаку професор на Техничкиот факултет во Битола и доктор на науки. Тој има изградено ултралесен авион со кој леташе и се надевам сè уште лета. Емитер има пишувано за неговиот потфат пред неколку години ако не се лажам.
Воспоставете контакт со него и сигурен сум дека ќе добиете препораки базирани на искуство за тоа што ве интересира.
Поздрав,
Миле Герасимов

Повеќе информации за самоградба на авиони можете да најдете во следните статии:
<a href="https://emiter.com.mk/poveke.php?napis_id=1404">https://emiter.com.mk/po...
<a href="https://emiter.com.mk/poveke.php?napis_id=1443">https://emiter.com.mk/po...
<a href="https://emiter.com.mk/poveke.php?napis_id=1229">https://emiter.com.mk/po...
<a href="https://emiter.com.mk/poveke.php?napis_id=1978">https://emiter.com.mk/po...
Наведените броеви на ЕМИТЕР можете да ги нарачате од Редакцијата.
Ако направите авион, не заборавете да нè поканите на пробниот лет.
Слободан Таневски

Иако на прв поглед едноставно и директно, вашето прашање крие во себе многу непознати кои бараат малку поширока елаборација. Но да појдеме по ред. За да добиете сериозен и употреблив одговор, треба, пред сè, да дефинирате што точно сакате од авионот ? Да летате – па тоа се подразбира, но не се подразбираат: категоријата на леталото, конфигурацијата, бројот на седиштата (едносед или двосед), брзината, висината, димензиите, цената на чинењето, силината и видот на моторот, итн., итн.. Ако би добиле, како што велите, целосен проект, што ќе работите со него? Дали располагате со потребни знаења од аеродинамиката и технологијата? Дали имате доволно стручни квалификации да ги разберете цртежите? Дали можете да ги набавите потребните материјали или да определите соодветна замена? Дали можете да ги обработите, обликувате и споите во сакана и/или потребна форма? Дали сте во состојба да ги исполните сите воздухопловни норми, да го постигнете бараниот квалитет и да ги задоволите законите на цивилното воздухопловство? Дали сте во состојба да издвоите повеќе десетици илјади евра за реализација на целиот проект? Дали сте свесни дека и во оптимални услови тоа ќе биде во најдобар случај повеќемесечен (а можеби и неколкугодишен) напорен ангажман? Ете тоа се непознатите кои вашето, на прв поглед едноставно прашање, имплицитно ги содржи, а без кои не е возможно давање квалификуван одговор.
Градба на авион според лиценца или според целосен проект (доколку воопшто ви дојде во рацете) е сериозен и деликатен потфат во кој треба да се: обезбедат потребните материјали (што во наши услови не е едноставна задача), познаваат техники и постапки на обработката и градењето, планираат финансиите и времето, "бркаат" деловите, инструментите и опремата, а каде ли е тек моторот. И тоа се под услов да се поседува проверен добар проект кој чини 100-200 долари.
За градење авион потребно е: многу знаење, вештина и самодисциплина за сето да се изработи стриктно според спецификациите и, се разбира, финансиски средства.
Според важечката законска регулатива градба на воздухоплови од посебна категорија (во кои спаѓаат и ултралесните) можат да вршат и физички лица.
Аматерски е можна градба на воздухоплов на еден од следните начини:
1) според сопствените цртежи и пресметки и со користење на репродукциони материјали и полупроизводи;
2) според веќе готовите цртежи и со користење на репродукциони материјали и полупроизводи;
3) со доработка на незавршените делови на хомологирани воздухоплови и нивно склопување според напатствија на произведувачот;
4) со склопување на целосно завршените делови според напатствија на произведувачот - т.н. КИТ за самоградба т.е. комплет делови за самоградба.
Аматерски градениот воздухоплов мора да биде: стабилен, управлив и со задоволителна јакост што овозможува безбедно летање и да не ја загрозува безбедноста на луѓето и имотите на земјата.
Според мое мислење (независно од поставените погоре прашања) за вас и за сите вљубеници во моторното летање во нашава земја најмногу одговара склопување на "целосно завршени делови според напатствијата на произведувачот", т.е. градба на ултралесен авион од КИТ. На овој начин добивате сигурен и проверен модел кој ги задоволува сите законски побарувања, а самиот чин на склопување, кој и не е така едноставен и лесен, може да ги задоволи амбициите на ентузијаст и од најголем калибар. На интернет можете да се најдат сериозни понуди по цени кои почнуваат од околу 10000 долари, но упорниот градител ќе пронајде и пониска цена, без мотор, се разбира. Не барајте готова адреса, пребарувајте по интернет, по пат ќе научите или дознаете многу корисни работи. Користете ги интернет-форумите и поврзете се со луѓе со сличен интерес.
Добро упатените во оваа проблематика сметаат дека купениот нов авион и оној добиен од самоградба исто чинат. Разликата е само што при купување нов се плаќа одеднаш вкупната цена, а во самоградба трошоците се развлекуваат и на неколку години.
Китот, всушност, претставува половина завршена работа во фабрика: тука материјалите се веќе избрани, селектирани и обликувани, како и потребната опрема и избор на моторот, што гарантира успех и лесно задоволување на законските барања.
Аматерски не можат и не смеат да се градат моторите и опремата.
Најчесто користени мотори за овие летала се Rotax 503 или 503DC.
Ви препорачувам да ја набавите книгата (на англиски јазик) EAA' Aero Crafter, 8th Ed., а може корисно да ви послужи и книгата "Лесни авиони" од авторот на овој одговор.
Поради комплексноста на темата и очкуваното интересирање на поширок круг читатели за неа, редакцијата на Емитер разгледува можност за поширока елаборација на ова прашање во облик на серијал.
д-р Владимир Андоновиќ


Здраво,
Ви пишувам во врска со написот од ЕМИТЕР 5/2010, STA575 - 2x100W RMS стерео излезен аудиозасилувач. Ме интересира дали кај нас може да се најде STA575, дали може да се искористи дадената шема за да се направи аудиозасилувачот, а ако не дали би можеле да предложите соодветна шема за самоградба?
Поздрав и однапред благодарам,
Владо Овчаровски,
ваш верен читател

STA575 е стерео излезен засилувач во иновативната BASH технологија која е симбиоза на квалитетот на AB класата и ефикасноста на D класата аудиозасилувачи. За негова исправна работа потребна е изработка и на соодветно импулсно напојување (BASH конвертор), кое не е прикажано на слика 4 (стр. 52 од Емитер бр. 5/2010). Како што пишува во написот, со работата на тоа импулсно напојување управува процесорот STABP01. Значи, за изработка на овој, по многу нешта посебен проект, потребни ви се 2 ИК: STA575 и STABP01.
Не ми е познато дали овие компоненти можат да се најдат во малопродажба во Македонија (прашајте во продавниците), но тие можат да се нарачаат во Digi-Key. За цената и за условите на испорака информирајте се на нивниот сајт: http://www.digikey.com/
Доколку не сте напреден ентузијаст во електрониката или не сте професионалец, не ви го препорачувам ова сложено решение. Во постарите броеви на Емитер можете да најдете многу квалитетни проекти од областа на аудиотехниката, но многу поедноставни за изведба!
Емилијан Иљоски


Здраво Емитер
Сакам да прашам за малку помош од вас бидејќи како и порано така и сега, а се надевам и во иднина, вие ми сте прва опција за решение на проблеми во електрониката. Сакам да направам светилка за аквариум со LED панелот прикажан на ebay: http://cgi.ebay.com/50W-10000K-High-Power-4000LM-LED-Panel-Aquarium-/270...èht_1034wt_905
За овој панел треба да направам напојување 35W на 35V, па може ли да ми дадете некоја сугестија?
Однапред благодарам,
Борче Пашоски

За напојување на LED панелот може да се искористи секој извор на еднонасочен напон кој дава напон 32-36V и има моќност од најмалку 60W. Добро е на излезот да има осигурувач од 2A за заштита од краток спој. Ништо специјално не е потребно.
Дејан Трпески

Со посетата на предложениот линк констатирав дека се работи за LED панел за осветлување со димензии 34x34mm, номинална моќност од 50W, со интензитет на луминисценција од 4000 lm, температура на бојата од 10 000 K (ладно бела боја) и 30 000 часа животен век на светење. Напонот потребен за напојување на лед диодната матрица со 10x5 лед диодни чипови од типот EP-B3838B-A3 изнесува 32 – 36V и струја од 1700 mA.
Тоа значи дека е потребен извор на напојување со моќност од 34V x 1700mA = 57,8W≈60W. Треба да се обезбеди еднонасочен напон со доволна филтрација на напонот за да не се чувствуваат промените во светлосниот интензитет на лед диодите во вид на треперење. Наједноставно е да се обезбеди нестабилизирано напојување; трансформатор со напон на секундарот од 24V, насочување со грецов спој и филтрација со електролитски кондензатор од најмалку 3300 µF/35V при што ќе се добие напон од приближно 33,8V. Трансформаторот треба да биде со номинална моќност од најмалку 60 W за да може да го поднесе струјното напрегнување од речиси 2A на излезот, без значаен пад на напонот.
Секако дека подобра би била верзијата со стабилизиран напон на напојување. За ваков вид на напојување ќе биде потребен трансформатор 220/28V и моќност од 60W, грецов спој и електролитски кондензатор за филтрирање од 3300 µF/63V. Добиениот нестабилизиран напон од околу 39 V ќе го стабилизираме со трипински стабилизатор за 24 V кој е способен да даде 2 A струја (L78S24CV) така што на средниот извод кој води кон маса ќе поврземе една зенер диода за 10 V во "пробојна насока". Во овој случај, напонот на излезот од стабилизаторот ќе биде 24 + 10 = 34 V. На стабилизаторот да се обезбеди соодветно ладење со ладилник кој има способност да дисипира 10 W термичка дисипација, без голем пораст на температурата на колото.
Едно од преостанатите можни решенија е напојувањето на лед диодите да биде со извор на константна струја. Овај вид на решение повеќе се користи при паралелен начин на меѓусебното поврзување на лед диодите. Во случајов, лед диодите се напојуваат со напон од околу 35 V, а се 50 на број, сигурно меѓу себе поврзани во повеќе сериски групи, кои пак потоа се паралелно поврзани помеѓу себе. Сигурно најадекватен избор на напојување би обезбедиле кога диодната матрица би ја изградиле сами.
И за крај, најсофистицираното решение: step down конвертор на напон од 40 на 34 V, без значителна термичка дисипација. А јас би направил уште нешто, за да имаат рибите во аквариумот осветление и кога нема струја: step up конвертор од 12 на 34 V со автономен оловен акумулатор со мал капацитет каков што се користи во алармните системи. Акумулаторот би се дополнувал кога има мрежно напојување.
Ќе се потрудам во еден од наредните броеви на Емитер да биде објавен еден ваков интересен проект, во зависност од нашите можности и желбите на читателите.
Петар Аврамовски


Здраво почитувани,
Имам прашање во врска со еден ваш проект во списанието од мај 2006 година. Проектот се вика Дигитален термометар со термостат ДТБК3. Дали може операцискиот засилувач TLC272 од излезот да се поврзе на микроконтролер со што микроконтролерот ќе направи A/D конверзија и така да мери температура? Дали ова е можно, ако е можно ве молам да ми пратите некоја шема, за да го изведам тоа. Исто сакам да мери од 0 до 600 степени Целзиусови. Зошто во шемата R13 е поставен кога во сликата број 3 го нема, дали треба да ја гледам сликата 3 за да го поврзам операцискиот засилувач со микроконтролерот или пак да ја гледам главната шема?
Поздрав и однапред благодарам,
Стефан Василевски

Секако дека може да се постави микроконтролер кој што ќе направи A/D конверзија. Доколку се одлучите за такво решение, мој предлог е да се направи промена во влезното коло за сигналот од него да биде прилагоден на карактеристиките на микроконтролерот. Доколку тоа го направите директно, речиси сум сигурен дека ќе имате многу голема грешка во измерената температура. Значи, вистинскиот пристап треба да биде:
- Избирате микроконтролер;
- Според електричните карактеристики на АД конверторот се дизајнира влезното коло;
- Во зависност од бараната точност се одредува алгоритамот за корекција на грешките генерирани од сензорот и се нагодува уредот;
- Според претходните карактеристики се одредува и режимот на работа на микроконтролерот.
Одговоров нема готово решение како да го направите уредот, но сепак ќе ве одведе во вистинска насока како да направите добар термометар.
Поздрав,
Благој Ќупев