Рубрика: Астрономија и астронаутика
9 милијарди планети со услови за живот во нашата галаксија (2)
Автор: Петар Лагудин
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во

Емитер 10/2014.

Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.


Досега научниците можеле само да претпоставуваат дека според вкупниот број ѕвезди во нашата галаксија, логички е во неа да има и други "гостољубиви" планети со услови за живот, но, колкав е нивниот број, можеле само да нагаѓаат. Конечно денес мисијата "Кеплер" не само што го потврди постоењето на такви планети во нашата галаксија, туку и го детерминира нивниот број: "9 милијарди егзопланети од типот Земја, со услови за живот". Дури и повеќе од тоа, друга една мисија, т.н. "Curiosity" ("Љубопитство"), покажа дека Земјата не е единствената планета со услови за живот ниту во Сончевиот систем, туку во подалечното минато Марс бил втората планета со идеални услови за живот". Во овој напис ќе се задржиме на првата мисија, Кеплер, која го детерминира бројот на егзопланетите со услови за живот во нашата галаксија.

Мисијата “Кеплер” е всушност вселенска орбитална опсерваторија, реализирана од американската вселенска агенција НАСА. Таа има задача да открива во нашата галаксија каме-нити егзопланети од типот “Земја”, кои орбитираат околу други ѕвезди во, или близу до т.н. “животна зона” каде што постојат услови за живот, како и да процени колкав е бројот на ѕвезди во нашата галаксија што имаат такви планети – во натамошниот текст ќе ги нарекуваме “егзо-Земја”. Дизајнирана е да функционира врз принцип на т.н. “транзитна метода”, како најпогодна метода за откривање мали егзопланети со големина колку нашата Земја. Накусо кажано, методата се заснова врз детекција на периодичното придушување на сјајот на некоја ѕвезда кога пред неа транзитира некоја нејзина егзопланета (подетално види во ЕМИТЕР бр. 7-8/03: “Нова метода за откривање далечни екстрасоларни планети”). Опремена е со најсофистицирани инструменти, меѓу кои главен инструмент е телескопот со антена со пречник 95 cm, наречен фотометар, кој всушност претставува низа од 42 т.н. CCD (Charge Coupled Device), всушност детектори, секој со по 2200 х1024 пиксели, поставени надвор од фокусот на телескопот. Со таквата конструкција може да забележува екстремно мали варијации во светлинскиот сјај, со големина од 10 милионити дел од стандардниот сјај на некоја ѕвезда, и тоа кај 150 илјади ѕвезди истовремено (подетално за орбитерот Кеплер види во ЕМИТЕР бр. 4/09: “Очи широко отворени”).

Клучни зборови:

Во нашата галаксија има околу 200 милијарди ѕвезди, од кои 20% од се од типот на нашето Сонце.

Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 10/2014. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.